Девојче падна од зграда и се бори за живот
Тринаесетгодишно дете од Велес падна од покрив на четирикатна зграда, од 14 метри височина
ВЕЛЕС - Тринаесетгодишно девојче од Велес падна од покривот на четирикатна зграда и се бори за живот. Настанот се случи вчера околу 11 часот во зграда на улица „11 Октомври“, во близина на „Брако“. Несреќата се случила кога девојчето сакало да се качи на кровот на зградата, каде што нејзиниот татко со свој пријател работел на поправка на оџакот од кој протекувало вода. Во еден момент стапнало на застаклен дел, кој попуштил и се скршил. Тоа било кобно за тринаесетгодишната велешанка, која паднала од 14 метри височина во меѓупросторот на зградата. Поради сериозноста на повредите, детето е пренесено на лекување на скопските клиники.
„Девојчето се качило по скалите на таванскиот простор, каде што работел нејзиниот татко. Меѓутоа, во средишниот дел имало простор со армирано стакло. Кога детето стапнало на стаклото, тоа се скршило. Девојчето паднало во подрумскиот дел, здобивајќи се со тешки повреди“, информираат од полицијата.
Соседите раскажуваат дека несреќата се случила вчера околу 11 часот, кога слушнале кршење на стакло, силен тресок и пад. „Семејството живее на трети кат, но утрото таткото работеше, нешто поправаше. Кога се вратив од пазар, беше 11 часот. Слушнав кршење на стакло, па силен тресок и пад. Кога излегов, во подрумските простории лежеше девојчето со силно крвавење. Беше многу лоша глетка, викнавме брза помош и веднаш ја однесоа“, потресени раскажуваат соседите. Тие се чудат како детето успеало да мине низ процепот од еден метар од скалилата и да падне од четвртиот кат.
Девојчето беше згрижено во велешката болница, но поради сериозноста на повредите на главата, веднаш е префрлено во Ургентен центар во Скопје. Нејзиниот живот е во опасност.
Ист настан во оваа зграда се случи и во февруари кога велешанецот С.Д. (69) падна од четврти кат. Падот го преживеа, но по неколку дена, тој почина. Меѓупросторот од скалилата и натаму е необезбеден, а само за половина година се случија две несреќи. (С.Ќ.Н.) |