Казни од 50.000 денари за оставени изборни плакати
Рокот за расчистување на јавните површини е 30 дена по завршување на изборите
Политичките партии ќе треба да платат казни до 50.000 денари доколку најдоцна за 30 дена не го отстранат сметот од изборните плакати. Проверката на теренот ќе ја врши Градската комунална инспекција, која, зависно од ситуацијата, ќе преземе санкции против организаторите на кампањата. Согласно со Изборниот законик, Законот за комуналниот ред, Одлуката на Градот за комунален ред и Одлуката за плакатирање на Град Скопје, партиите се должни да го отстранат сметот од плакатите од јавните површини и да ги расчистат локациите на кои градските власти им овозможија бесплатно рекламирање. Станува збор за 54 локации кои треба да се исчистат во рок од 30 дена по завршувањето на изборите.
„Доколку по изминатиот рок се затече смет од изборната кампања, инспекторите ќе поведат прекршочна постапка која понатаму ќе се процесуира до соодветните институции. Казните за непочитување на одредбите се движат од 40.000 до 50.000 денари“, вели Александар Бошковиќ, раководител на Комуналната инспекција на Град Скопје.
Тој нема сознанија дали против некоја партија во претходните изборни циклуси имало поднесено прекршочна постапка и дали партијата ја платила предвидената казна. Бошковиќ посочува дека инспекторите веќе реагирале на терен и констатирале дека за време на кампањата од пет изборни штаба биле залепени плакати на недозволени јавни површини и инфраструктурни објекти. Партиите биле опоменати во рок од два дена да ги отстранат постерите.
Инаку, од политичките партии досега единствено подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ со официјална најава почна да го чисти сметот од изборните плакати. Младите сили на владејачката партија од завчера започнаа да го одлепуваат пропагандниот политички материјал од центарот на градот, односно од улица „Македонија“. (Дс.Т.) |