Нови концепти за управување со сообраќајот
„Фокусирајќи ја темата на оваа средба кон управувањето со сообраќајот како најзначајна за градот Скопје, сакаме да покажеме дека проблемите во сообраќајот се решаваат не само со изградба на нови сообраќајници туку и со примена на нови концепти на управување со сообраќајот и развојот на нови технологии“, истакна вчера градоначалникот Трифун Костовски на отворањето на тридневната работилница на тема „Нови транспортни концепти“. На работилницата што се одржува во организација на Градот Скопје,а финансиски е поддржана од Европската унија, покрај градските власти, учесници ќе бидат и претставници од десетина европски градови кои ќе разменуваат искуства на ниво на градови во областите на управување со сообраќајот, урбаното планирање и транспорт, мобилноста и немоторизираниот сообраќај. Градските власти се надеваат дека заклучоците од трибината ќе бидат од исклучителна важност и за урбанистичкото и за транспортното планирање на развојот на Скопје преку употребата на нови технологии. (Дс.Т.) |