Почна со работа Јавното комунално претпријатие „Гази Баба 2007“
Претпријатието има директор и 15 сезонски работници
Снежана Калабакова
Во Општина Гази Баба од вчера почна да функционира Јавното комунално претпријатие „Гази Баба 2007“ кое ќе биде ангажирано во делот на уредувањето на јавните површини. Вчера се косеше тревата во населбата Железарница, а потоа ќе се уредуваат тревниците и во Автокоманда, Ченто и Хиподром. Претпријатието ќе го покрива, пред се', руралниот дел на општината, каде што живее речиси 50 отсто од населението. Тоа значи ќе дејствува во селата Смињковци, Црешево, Виниче, Старчинци, Брњарци, Булачани и Раштак. Планот на надлежните е секое домаќинство да добие канта за смет.
Во ЈКП „Гази Баба 2007“ вработен е само директорот, а 15 лица се ангажирани за шест месеци. Четворица од нив ќе се грижат за водоснабдителните системи, фонтаните и чешмите во кои инвестирала општината. Претпријатието располага со четири машини-метлачки и два тримера, машини што косат трева со пластичен конец, а ги поседуваше општината.
„Ги запазуваме сите процедури за финансирање на јавни претпријатија. ЈКП ’Гази Баба 2007‘ ни достави програма, а Советот ја одобри и се издвоија финансиски средства од општинскиот буџет. Во зависно од реализацијата, ние ќе префрламе средства. Ова претпријатие ќе биде координатор на активностите околу ангажирање фирми со јавно-приватно партнерство што ќе работат на реализацијата на програмата“, рече градоначалникот Коце Трајановски на вчерашното официјално промовирање на претпријатието.
„Согласно со програмата, која е предвидено да трае шест месеци, определени се и средства во висина од 2,4 милиони денари. Јавното претпријатие за своите услуги ќе доставува фактура до општината според цените за комуналните услуги. Во претстојниов период, по урбаните населби, ќе ги уредиме и јавните површини во руралните средини и површините покрај патиштата каде што има треви кои го покриваат видното поле на сообраќајните знаци“, вели Душко Стојановски, директор на Јавното комунално претпријатие „Гази Баба 2007“. |