Старите тополи се сечат за нов Цветен пазар
Цвеќарите ќе продолжат да работат во старите куќарки што ќе се дислоцираат поради изградба на затворен пазар
Тополите стари половина век кај последната автобуска постојка на „23“-ка во Капиштец ќе заминат во историјата поради изградба на старо-нов Цветен пазар. Од викендов екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ почнаа да ги сечат тополите со цел да се расчисти локацијата и да се подготви за потребната инфраструктура за пазарот.
Цвеќарите треба да се дислоцираат од сегашната локација поради продажба на парцелата што ја користат, каде што е планирана изградба на затворен пазар.
Според Душан Авировиќ, директор на ЈП „Паркови и зеленило“, чии екипи ги сечат тополите, а истовремено и под чија капа се наоѓа пазарот, просторот би се оспособил за уредување најмногу за десетина дена.
„Дотогаш планираме да ја отстраниме исечената дрвна маса од дваесетината стари тополи. Со тоа ќе овозможиме да почнат да се изведуваат потребните инфраструктурни зафати за да се изврши дислокација на куќарките од постојниот пазар. Бидејќи немаме пари за нови привремени објекти за цвеќарите, пазарот, всушност, ќе биде старо-нов, во стари куќарки на нова локација“, вели Авировиќ, кој не сака да прогнозира кога би се случила конечната преселба, која требаше веќе да биде реализирана.
Имено, земјиштето од 2.000 квадратни метри на кое сега работи Цветен пазар уште минатата година го купи фирмата „Кам фуд“, која на истото место треба да гради затворен пазар. (Дс.Т.) |