Битолската власт се откажа од споменик за Егејците?
Локацијата во пограничното село Лажец остана празна и по речиси една година од најавите за изградба на меморијален комплекс
БИТОЛА - „Уште колку градежни сезони ќе поминат додека битолската власт изгради меморијален комплекс посветен на Македонците протерани од Грција во пограничното село Лажец. Вака реагираат битолчани и дел од здруженијата на Македонците протерани од Грција со седиште во Битола откако локацијата остана неизорана нива речиси една година од најавите за изградба на споменичен комплекс на границата со Грција по повод 60 години од егзодусот. Власта молчи, тактизира, не се огласува. Дали тоа значи дека се откажува од реализација на мегаломанската идеја тешка милиони евра?
Изминатото лето Советот на Општина Битола донесе одлука да изгради споменичен комплекс во атарот на селото Лажец, на површина од 100 квадратни метри. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја поддржаа одлуката, но ниту опозицијата, а уште помалку јавноста знаеја што ќе се гради на Меџитлија и во чија чест. Се споменуваше спомен-соба, црква, амфитеатар, мотел, плацеви за одмор и рекреација. На крај се обелодени дека ќе се прави меморијален центар во чест на Македонците протерани од Грција.
Наспроти ова, здруженија на Егејците од Битола цели три години пред големиот јубилеј имаа доставено барање за подигнување спомен-обележје, но не на границата со Грција, туку во центарот на Битола. Но, се чини дека нивниот предлог-план фаќа прашина во нечија фиока на општинската администрација.
Лути и гневни што големиот јубилеј, 60 години од крајот на граѓанската војна во Грција и 70 години од почетокот на Втората светска војна, кој требаше да биде одбележан лани остана маргинализиран, претставниците од здруженијата на Македонците протерани од Грција чекаат објаснување зошто власта поигрува со судбината и чувствата на овие граѓани.
„Намерно најавија мегаломански проект, кој чини милиони евра, наместо да направат скромно обележје во дворот на Офицерскиот дом во Битола. Со тоа власта само се обиде да им ги замачка очите на Македонците од Егејска Македонија дека достојно ќе го одбележи шестдеценискиот јубилеј од егзодуст. Годинава се навршуваат 61 година од егзодусот, а власта нема абер да подигне споменик во чест на Егејците“, обвинува Никола Костурски, претседател на Заедницата на етничките Македонци протерани од Грција. Според него, во Битола има над 13 илјади граѓани кои се по разни основи поврзани со Македонците протерани од Грција и кои нема да се откажат од намерата за подигнување обележје за нивните предци.
„Невозможно е да се направи меморијален комплекс во наредните десет-петнаесет години, особено не по оваа економска криза. Власта ја прокоцка и нашата реална замисла за подигнување споменично обележје. Останува да го чекаме 65-годишниот јубилеј. Се сомневаме дека некој го направи ова смислено само за да не се означи таа значајна годишнина од егзодусот. Можеби власта се откажала од меморијалниот комплекс за Егејците“, нагласува Костурски.
За опозицијата во Битола неисполнетото ветување за меморијален комплекс во Лажец е уште една потврда за лажниот патриотизам на Владата. Опозицијата од самиот почеток беше против ваквите планови на битолската локална самоуправа обвинувајќи ја за нетранспарентност и за популизам.
„Ако имаа вистинска намера да го одбележат јубилејот и да изградат комплекс, тогаш не ќе молчеа како риби цела година. Зарем немаше во својот препознатлив манир да фрлат барем една лопата и да отворат дел од комплексот како што тоа обично го практикуваат? Но, ВМРО-ДПМНЕ покажа дека е мајстор за поттикнување лажни надежи и безобразно искористување на Егејците за дневнополитички цели“, потенцира Валентин Груевски, претседател на ЛДП во Битола.
Изминатите два дена битолскиот градоначалник и надлежните од локалната администрација останаа глуви за обвинувањата. Секретарот на Општината, Марјан Геровски, најави дека градоначалникот Владимир Талески многу скоро планирал прес-конференција токму на тема изградба на меморијален центар во Лажец. (А.Б.) |