Лозарството во Тиквешијата пред колапс
Доаѓа новата берба, а се' уште не е платено ланското грозје
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - Лозарството во Тиквешијата е пред колапс. Лозарите не можат квалитетно да ја одработат новата реколта, бидејќи се' уште не им е исплатено ланското грозје. Се жалат дека немаат пари ниту за квалитетна заштита ниту за други агротехнички мерки. Не добиле пари за заштитни средства кои лани ги зеле на одложено плаќање од земјоделските аптеки. Околу пет илјади лозарски фамилии се на работ на преживување.
Кавадаречкиот совет на последната седница дебатираше за неисплатеното грозје. Советниците усвоија декларација за заштита и развој на лозарството. Заклучија дека неисплатеното грозје е голем проблем за целокупните економски текови во Општината. Советот во декларацијата препорачува визбите без одложување да подготват финансиски конструкции за исплата на ланското грозје, користејќи ги мерките на Владата за поволно кредитирање. Се апелира визбите да изградат респективен деловен однос на партнерство со лозарите и нивното здружение.
„Винарските визби да не ги засноваат сопствениот интерес и среќа на грбот и сиромаштијата на лозарите. Владата и Министерството за земјоделство да ги спроведат законите за да се спречат катастрофалните состојби во лозарството. Владата да создаде пазарен амбиент и да овозможи извоз на грозје од претстојната берба“, стои, меѓу другото, во Декларацијата што ја усвои Советот на Општина Кавадарци.
Градоначалникот Александар Панов ги презентира резултатите од контактите со визбите и надлежните државни институции. Тој информира дека „Тиквеш“ моментно ја исплаќа втората рата. Во „Повардарје“ втората рата била исплатена околу 30 отсто, а од оваа винарска визба ветувале дека до петок целосно ќе ја исплателе втората рата од ланското грозје. Советникот Панчо Минов презентираше декларација за заштита и развој на лозарството во која се содржани начините на дејствување на градоначалникот и на Советот со цел да се изврши притисок врз визбите за навремено плаќање на грозјето. Ако визбите немаат слух за овој проблем, тогаш Минов предлага вонинституционално дејствување. За советникот Ташо Радњански, Законот за вино бил катастрофален, бидејќи ги штител визбите и посочи неколку члена кои мора да претрпат измени.
Градоначалникот препозна политика во дискусиите на советниците и апелираше да не се собираат политички поени од маката на лозарите. Бетијан Китев, советник од НСДП, рече дека од 2007 до 2009 година состојбите во лозарството значително се влошиле.
Лозарите една година живеат под стрес затоа што не можат да го наплатат грозјето. Сега се во паника од најавите на визбите дека годинава ќе откупуваат двојно помалку грозје, поради залихата на вино, кризата, но и поради неизвесноста од примената на Законот за вино.
Состојбата во многу лозови насади е очајна. Многу лозари не ги скроија на��адите, штедат на заштита, а некои воопшто не извршија орање и ѓубрење. Производителите на грозје очекуваат помош од Владата. Сметаат дека катастрофите во лозарството би се надминале само доколку се интензивира извозот на винско грозје. |