Отчет за народни пари заврши со приватна тужба
Опозицијата се интересира дали градоначалникот Марјан Ристески добил стан и куќа на подарок
ПРИЛЕП - Се вжештува политичката атмосфера во Прилеп. СДСМ се' почесто бара отчет за работата на градоначалникот Марјан Ристески и за потрошените пари од локалната каса. Тоа ја прелеа чашата со трпение кај градоначалникот и тој одлучи да поднесе приватна тужба против прилепските сдсмовци.
Конкретен повод за револтот на Ристески беше прашањето на претседателката на локалниот клуб на жени на ОО на СДСМ, Катерина Кареска, дали тој имал стан и дуќан како подарок откако градежна фирма, наводно, блиска до ВМРО-ДПМНЕ, добила општински тендер. Ристески ја поднесе приватната тужба во Основиот суд во Прилеп каде што првото рочиште е закажано за 26 јуни. Во отсуство на конкретен одговор од локалната самоуправа на поставените прашања на СДСМ, јавноста го чека судењето.
Во меѓувреме растат политичките тензии. „Општинската организација на СДСМ од Прилеп бара од локалните вмровски функционери да кажат дали е точно дека тендерите во износ од 1.500.000 евра за изградба и внатрешно уредување на новата Градска куќа ги добила градежната фирма ‘Карпа‘, чиј сопственик е бизнисмен близок до ВМРО-ДПМНЕ? Дали е вистина дека само последните две години на сметката на фирмата биле префрлени над 1.100.000 евра, а за возврат на тоа на градоначалникот Марјан Ристески му бил подарен стан во Скопје и дуќан во комплексот ’Филип Втори’?“, праша Кареска на прес-конференција.
Откако градоначалникот на Прилеп крајно револтиран одговори со приватна тужба, СДСМ повторно го обвини. Имен��, при поднесување на тужбата во прилепскиот Основен суд, Ристески го придружувала „целата партиска свита“, пратеници, претседател на општинскиот совет, локални функционери, директори на основни училишта...
„Дали сакавте да му покажете на судот со кого си има работа? Дали спектакуларното поднесување приватна тужба со ТВ-камери и партиски луѓе не претставува притисок врз судот и судиите? Се прашуваме кои средства натаму ќе употребувате за да го убедите судот дека треба да суди некој што се интересира за транспарентно работење“, истакна Илија Јованоски, лидер на општинската СДСМ.
Градоначалникот Ристески кусо возврати дека било негово право со кого поднесувал тужба. Во исто време тој им порача на политичките опоненти да не стравуваат од исходот на тужбата, а доколку „имаат аргументи, треба со песна да одат на суд“.
Лидерот на СДСМ во Прилеп, Јованоски, кој, очигледно, ја разбранува прилепската политичка јавност, го повика градоначалникот на ТВ-дуел за да се разјаснат сите непознати. „Со поднесување тужби нема да го оттргнете нашето внимание од овие прашања, а ниту вниманието на прилепчани, кои бараат отчет за што се трошат нивните пари, кои фирми ги добиваат тендерите и под какви услови. Немојте да се залажувате дека со оваа тужба ќе заплашите некого, а најмалку нас во СДСМ!“, нагласи Јованоски.
На ова Ристески не остана должен. „Имате уште една шанса за соочување, но сега пред независното судство. Нема да ве поштедиме, туку ќе добиете по една пријава од секој член на таканаречената свита. Во спротивно, секоја помисла на вас ќе биде изгубено време за нас како политичка партија и за мене како градоначалник“, рече првиот човек на Прилеп.
Во очекување на судска разврска, Ристески категорично најави дека во иднина Општината нема да одговара на прашањата на СДСМ. „Веќе нема да си играме квискотека, туку ќе се насочиме како и досега кон решавање на прашањата и проблемите што ги засегаат граѓаните. Тоа е задачата на локалната самоуправа“, потенцираше Ристески. Притоа додаде дека нема да се дозволат тешки клевети за локалните функционери и за членови на ВМРО-ДПМНЕ. |