Мистериозна кражба на сеф од гостиварската болница
Металниот сеф бил висок еден метар, а тежок 250 килограми
ГОСТИВАР - Гостиварската јавност ја разбранува кражбата на металниот сеф од гостиварската Општа болница што се случи само еден ден откако директорот беше сменет поради несовесно работење. Според шпекулациите, кражбата била нарачана со цел да се скријат малверзациите во финансиското работењето и со незаконската набавка на лекови од страна на сменетиот директор. Во гостиварската болница ги отфрлаат ваквите гласишта. Меѓутоа, полицијата е резервирана. Оттаму изјавуваат дека додека не заврши истрагата, не можат ниту да ги потврдат ниту да ги отфрлат ваквите шпекулации.
Во украдениот дводелен метален сеф, произведен во охридски ЕМО, висок еден метар, а тежок 250 килограми, се наоѓале 8.000 денари, како и благајничка и книговодствена документација на патни налози, сметкоповрди и слично.
Според полициските информации, кражбата била извр��ена ноќта спроти четвртокот. Непознатите крадци со шрафцигер ја отвориле влезната врата во зградата во која се наоѓаат канцелариите на сметководството. По дрвените скали се искачиле на вториот кат, каде што вратата на благајната била отворена. Вистинска мајсторија била од малата просторија да се изнесе големиот сеф. За да ја олеснат тежината на сефот, крадците ја извадиле долната врата на сефот, која не била заклучена и на раце го изнеле сефот низ тесните скали. Се претпоставува дека во кражбата учествувале најмалку четири лица.
Како што дознаваме, осомничени за кражбата се десетина лица, кои биле повикани на разговор во полицијата. Кражбата ја пријавил Артан Хамити, раководител на Одделението за книговодство, кој прв дошол на работа.
„Забележав дека влезната врата е отворена и помислив дека во просториите се наоѓа чистачката. Но, кога никој не се одзва, сфатив дека нешто се случува. Во мојата канцеларија светлото беше запалено, а документите на масата беа расфрлани. Го немаше сефот“, ни изјави Хамити.
Чаршијата го поврзува мотивот за кражбата на сефот со смената на директорот, а се зборуваше дека токму вчера разрешениот директор требало да му ја предаде документацијата на новоназначениот в.д. директор.
Полицијата работи на откривањето на извршителите на кражбата и на мотивот. Оставениот алат со кои била извршена кражбата и вратата на долниот дел на сефот, на кои има биолошки остатоци, кои ќе бидат дадени на вештачење, во многу ќе им ја олесни работата на инспекторите. (К.К.) |