„Мавровски работници“ закочен поради екстрадиција
Љубиша Станковиќ
Судскиот процес за обвинетите во случајот „Мавровски работници“, кој е закажан за понеделник, ќе доживее уште едно одложување. Во Министерството за правда се' уште нема ништо ново во врска со екстрадицијата на обвинетиот Сафет Огриќ (35) од тетовското село Челопек, кој речиси два месеца се наоѓа во еден белградски затвор.
Од скопскиот Кривичен суд официјално потврдуваат дека до нив нема никаков допис со кој би се потврдила екстрадицијата на Огриќ до понеделник за кога е закажано продолжението на предметот, кој со години беше под јурисдикција на Трибуналот во Хаг.
Екстрадицијата на Огриќ го одложи и претходното рочиште во септември кога беше соопштено дека тој е уапсен и му е одреден екстрадиционен притвор. Околу евентуалното испорачување на Огриќ на нашите правосудни органи не може да каже ништо повеќе ниту неговиот адвокат Насер Рауфи, бидејќи и тој очекува информации од судот.
Одложувањето на судењето на обвинетите за случ��јот „Мавровски работници“ е само продолжение на компликациите што го следат овој судски процес уште од самиот почеток во септември 2008 година. Се' започна со актуелниот пратеник на ДУИ, Хисен Џемаили, кому му беше одземен пратеничкиот имунитет и вети дека ќе се појавува во судот, но потоа исчезна. По неколку месеци се врати во судот, но дури откако беше понудена гаранција во недвижности. Со кауцијата дадена од пратеникот, на слобода се најдоа уште тројца други обвинети.
Наредниот проблем што се јави се однесуваше на одлуката на судот, кој беше на мислење дека на обвинетите што се недостапни треба да им се суди во отсуство. На ваквата одлука на судот реагираа адвокатите со барање тие да бидат обезбедени и дури потоа судењето да започне, и покрај тоа што и тие се на мислење дека за нивните клиенти треба да биде применет Законот за амнестија за борците на ОНА.
Потоа дојде до запирање на судската постапка за обвинетиот Башким Рустеми, бидејќи за него судот имаше потврда дека починал на 11 мај 2007 година. Од Германија беше екстрадиран првообвинетиот Шкодран Идризи, а пред неколку месеци судот ја запре постапката и за обвинетиот Шабан Зенуни, бидејќи тој, во престрелка со полицијата, загинал во скопското село Радуша.
Овој кривично-правен предмет низ судовите се провлекува уште од завршувањето на кризата во 2001 година. Поради сторени најтешки кривични дела обвинетите се најдоа под капата на судот во Хаг, а по враќањето на сите четири предмети во држава беше отворен судски процес, кој и по цели две години не е мрднат од мртва точка.
|