„Три“ објави пет нови книги
„Трагично и патетично“ од Вуди Ален е едно од новите пет изданија на „Три“, кое овој издавачки центар го објави заедно со книгите „Триумфална капија“ од Ерих Марија Ремарк, „Лекување со Шопенхауер“ од Ирвин Јалом, „Алеф“ од Пауло Коелјо и „Историчарка“ од Елизабет Костова.
Книгите, кои првпат се појавуваат во превод на македонски јазик, се дел од летната понуда на „Три“, а ја сочинуваат повеќе од 20 нови наслови и над 200 веќе објавени дела што се продаваат по фестивалски цени.
„Трагично и патетично“ содржи кратки драми на Вуди Ален, пишувани од 1970 до 2003 година, во романот „Триумфална капија“ објавен во 1945 година е опишан животот на еден политички емигрант непосредно пред Втората светска војна, додека „Лекување со Шопенхауер“ претставува романизирана слика за групна терапија.
Книгата „Алеф“ е најавена како враќањето на Коелјо кон своите почетоци, додека „Историчарка“ како роман во кој се испреплетени три приказни, три периода и три истории, а меѓу нив и прашањето „кој е вистинскиот Влад Дракула“. (К.Б.) |