Шефот на кабинетот на министерот за животна средина барал поткуп
Три лица се во притвор откако побарале 1.200 евра од сопственик на фирма од Куманово
Полицијата поднесе кривични пријави против Валдрим Асани (26) од Тетово, шеф на кабинетот на министерот за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), и Исен Рамадани (28) од Скопје, кој бил вработен како советник во Управата за животна средина, затоа што од кумановец побарале поткуп за да му средат документи со кои неговата фирма ќе може да увезува употребувани надворешни гуми. Пријава е поднесена и за Абдурахман Ука (22) од Скопје, братучед на Рамадани, кој ги зел парите во нивно име. На сите тројца им е одреден притвор.
Според МВР, настанот се случил во април годинава кога фирма од Куманово доставила до МЖСПП барање за добивање дозвола за увоз на употребувани надворешни гуми. По три месеци, откако не добил одговор, сопственикот на фирмата побарал средба во надлежните во Министерството, по што се сретнал со Асани. Шефот на кабинетот на министерот побарал 1.200 евра за дозволата, ветувајќи му дека решението веднаш ќе биде потпишано од министерот, велат од МВР. Потоа Асани го повикал Рамадани за да му каже на „оштетениот“ кому да му ги предаде бараните парични средства.
Но, бизнисменот го пријавил случајот в полиција, по што добил обележани пари. Следувала средба со братучедот на Рамадани, кој од службениците бил посочен како посредник за примање на поткупот. Сопственикот на фирмата ги предал парите и тоа 1.000 евра, бидејќи успеал да ја намали бараната сума, си заминал, а инспекторите на МВР го уапсиле посредникот. Набрзо биле приведени и двајцата вработени во Министерството. Тие кривично ќе одговараат за противзаконито посредување, додека Ука ќе биде кривично гонет за поткуп. (Г.А.) |