Г. Г. Стефан - Христовото воскресение да ни биде духовна пролет
„Денот на воскреснувањето Христово е најголемиот настан во човековата историја. Тоа е аголен камен, темел на верата наша христијанска. Зашто ако Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера (1 Кор. 15, 14). А Христос воскресна и поради тоа - Евангелието стана спасоносна вистина“, порача во своето Велигденско послание поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан.
Архиепископот охридски и македонски нагласи дека Христовото воскресение треба да ни биде духовна пролет, време на милост и проштавање за секого од нас, каде и да сме.
Стоејќи в црква, да се потсетиме дека стоиме во океанот на безусловната љубов и на бескрајната милост на воскреснатиот Господ. Затоа „да застанеме добро“ и да им простиме на сите што не' навредиле. Зашто, „кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, се' стана ново“ (2 Кор. 5, 17).
Токму убеденоста, која во нашиот народ станала и останала единствен извор на надеж и утеха во сите голготи и страданија, и сега ќе ни помогне да истраеме во одбраната на вистината за Македонија и за се' што е наше македонско.
Од таа наша вера во воскресението се научивме на трпение, па затоа и сега цврсто веруваме во правдината и во конечната наша победа, рече поглаварот г.г. Стефан, додавајќи дека „неправдите кон нас не се ништо ново!
Тие и овој пат само можат и треба да ни помогнат да станеме поединствени и поцврсти во бранењето на нашиот национален и духовен идентитет и во зачувувањето на се' што е македонско“. |