Болните од рак без цитостатска терапија
Не помогна ни смената на директор на Институтот, недостигот се повторува
Јасмина Јовановска
Болните од рак повеќе од десетина дена се без цитостатска терапија. На Институтот за онкологија и радиотерапија нема најмалку пет цитостатици, па пациентите, без разлика од каде доаѓаат, не можат да ја примат месечната терапија. В.д. директорката на Институтот за онкологија и радиотерапија, д-р Симонида Црвенкова, заминала на пат во Виена и на болните нема кој да им помогне во маката како да дојдат до неопходниот лек. Оставени се на милост и немилост, зашто имаат само две решенија - или да го купат цитостатикот кој чини најмалку 150 евра или, пак, да чекаат и да се молат побрзо да дојдат до цитостатикот на Институтот.
„Ни велат да бидеме трпеливи и дека лекот ќе дојде. Ова објаснување го слушаме секој месец и ништо не е променето со месеци. Кој ќе ја понесе одговорноста за последиците од ненавременото примање на терапијата“, прашува една револтирана пациентка од Струмица, која веќе половина година се лекува од рак на дебелото црево.
Со слична реакција е и една скопјанка која е нов пациент на Онкологија. Таа боледува од рак на дојката и втор месец е на цитостатици. „Се плашам дека ќе се случи тоа што го преживеав и првиот месец, кога едвај дојдов до лекот. Под стрес сум, а ова најмалку ми треба сега кога се борам со болеста“, вели оваа пациентка, која секој ден се јавува за да провери дали лекот е пристигнат.
На тоа дека се потрошиле цитостатиците реагираат пациентите кои боледуваат од рак на белите дробови, на коските, на желудникот и на внатрешните органи. „Се сменија три директори и ништо. Повторно остана истиот проблем, нема терапија за сите болни од рак. Се лекува кој прв ќе стаса на институтот и кој прв ќе дознае дека стасале цитостатиците“, објаснува пациент од Скопје.
Недостигот од цитостатици ни го потврдија и во Здружението „Животна искра“. Таму велат дека последните неколку дена секојдневно се јавуваат пациенти кои се жалат дека на Институтот нема „фемара“, „бондронат“, „херцептин“, „кселодата“, „такостере“, „таксолот“... Познато дека секое одложување на терапијата може да предизвика последици - или да се врати болеста или, пак, да се прошири на други ткива, посебно што ваквото нередовно примање на терапијата се провлекува со месеци. Со ист став се и од Здружението „Борка“, каде што сметаат дек�� лекувањето треба да започне веднаш по дијагностицирањето, бидејќи и најмало одложување резултира со незапирлива прогресија на болеста.
Зошто повторно се јавува недостиг од цитостатици, посебно откако Фондот за здравствено осигурување се пофали дека на сметката на Институтот има околу 50 милиони денари? Од Институтот немаше кој да даде објаснување. В.д. директорката д-р Црвенкова не беше на работа, а на мобилниот телефон не одговараше. Според неофицијални извори, таа е на службен пат во Виена. По упорните настојувања од Институтот, наместо одговор добивме само кратко соопштение во кое се вели дека Институтот најредовно и континуирано набавува лекови за малигните заболувања и дека нема намера да ги спроведува интересите на веледрогериите. |