Велигден се одредува според еврејската Пасха
Дека Велигден може да падне на 35 различни датуми меѓу 22 март и 8 мај е утврдено во 526 година
Билјана Јовановска
Празнувањето на најголемиот празник кај православните христијани – Велигден не е поврзано со одреден датум. Пресметано е дека празникот над празниците може да падне дури на 35 датуми во периодот од 22 март до 8 мај, односно два дена по Ѓурѓовден.
Зошто токму Велигден, главниот празник е првиот на листата на оние чие одбележување е со променлив датум? За ова прашање било расправано уште на Првиот собор во Никеја, во 325 година, но правилата за пресметување на датумот на која паѓа Велигден биле утврдени многу подоцна. Поточно, по цели 200 години, во 526 година.
Во раниот период на христијанството било многу тешко да се постигне единство како и кога да се определи и да се усогласи датумот на славењето на Воскресението Христово и затоа требало да помине многу голем временски период. Некогаш, правото за одредување на времето кога ќе се прославува Велигден и' било доверено на Александриската црква, меѓутоа сега, кога постои математички начин на пресметување, лесно може да се утврди кога ќе падне Велигден по 40 или 50 години.
Во 526 година било одредено дека Велигден секогаш треба да биде по пролетната рамноденица во првата недела по полната Месечина. Така, без отстапки, најголемиот христијански празник мора да е во недела, меѓутоа, неговото прославување никогаш не смее да се совпадне со денот кога Евреите празнуваат Пасха, ниту пак пред неговото одбележување. Пасха кај Евреите е одбележувањето на датмуот на нивното ослободување од египетското ропство и преминувањето, според преданијата, преку Црвеното Море во нивната прататковина. Некои сметаат дека одредувањето на датумот на Велигден не треба да се одредува според Пасхата, а ова го потврдуваат и некои канони.
Сепак, правилата според кои се утврдува датумот на Велигден налагаат доколку Воскресението Христово паѓа пред Пасха, тогаш христијанскиот празник се одлага за првата недела по следната полна Месечина. Ако повторно се совпаѓа, пак се одлага за една недела, но не подоцна од 8 мај.
Велигден е, едноставно речено, стожерниот празник по кој се одредуваат сите други. Сите тие се определуваат откако точно ќе се види кога паѓа Воскресението Христово и со овој установен начин на пресметување, празникот Прочка секогаш е седум недели пред Велигден, потоа, првата сабота по Прочка е Тодорова сабота или Тодорица, а во неделата пред Велигден се Цветници... Четириест дена по најголемиот празник, секогаш в четврток паѓа Вознесение или Спасовден.
За разлика од овие значајни датуми во православието кои се со менлива датуми, Божик, Ѓурѓовден и некои други празници имаат фиксни датуми. Токму поради тоа чествувањето на денот на Христовото воскреснување, како што сметаат истражувачите, не е поврзано со голем број обичаи.
Меѓутоа, иако православните цркви во светот користат два календара - Јулијански и Грегоријански, сите православци Велигден го слават во ист ден. Интересно е што во нашата држава, в недела, истиот празник ќе го одбележуваат и католиците од Источен обред, како и припадниците на Евангелско-методистичката црква. |