Вардар направи пустош во Полог
Вреќи-играчки не се спас од ваква поплава. За жителите, тоа е циркус за да се покаже дека нешто се работи
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Поплавени над 130 куќи, уште толку стопански дворови и плевни и околу 500 хектари обработливо земјиште. Тоа е вчерашната слика во трите долнополошки села Раотинце, Копанце и Туденце. Подрумските и приземните простории се полни со вода. Потопени апарати за домаќинствата, како и трактори и друга механизација, но и складирани жита, амбари со пченица и брашно, кошеви со пченка... Многу семејства вчера со судни маки ги изнесуваа говедата и другиот жив добиток да не остане под вода.
Кај Стојче Јошевски од Туденце водите однеле стотина пилиња. Неговиот сосед Ѓуре мака мачеше како да се спаси добитокот, но и како да се пристапи до него. А, на Митре Трпковски соседите му пристапија во помош да ги извлечат свињите. Слободан Симовски со помош на соселаните успеал да ги спаси стоте пчелни сандаци, а уште толку и кај неговиот сосед Среќко.
Од Туденце ни рекоа дека вака било во далечната 1979 година. Селото личи на несредена Венеција. „Ова е невидено. Вардар ноќеска навлезе во многу куќи. Се' е под вода. Долно Маало од двете страни на Вардар - вакво никогаш не било. Од стотина куќи најмалку во 60 водата остава тешки последици. Не знаеме како да се справиме“, ни рече Страхил Милошевски. Влајко Димовски додава: „Овие води не се од дождовите. Немаше толкави врнежи за повеќе од половина село да се најде под вода“.
Во соседното Копанце го сретнавме претседателот на МЗ, Али Вејсели. „Што да ви речам. Еве гледајте. Зарем ова е заштита. Зарем вака треба да страдаат луѓето и за една ноќ да им пропадне сиот труд. Во нашето село најмалку 25 куќи се под вода. Најголема битка утринава водевме во шталата на Сафет Јонузи. Тој живее од сточарство. Неговите 15 крави можеа да се удават во водите“, нагласува Вејсели.
Раотинце е посебна приказна. Сред село се насобрани голем број жители, кои не знаат што попрво да направат за да се справат со стихијата. „Вардар почна да доаѓа некаде по полноќ. Цело време го следевме. Изутринава почна да навлегува по куќи. Се' е под вода. Нивото на Вардар е зголемено најмалку за еден метар. Најверојатно, станува збор за испуштање води од Мавровското Езеро“, раскажуваше претседателот на МЗ, Кирко Масевски.
Разгневените раотинчани со солзи во очите зборуваат за стихијата, за упропастениот труд, неможноста да се справат со водите, кои им навлегуваат во дворовите, куќите и во други објекти. „Ова е срам за власта. Гледајте, зарем со оние вреќи-играчки се спасува ваква поплава? Вреќите беа маркетинг на Груевски. Ова е вистински циркус за да се покаже дека нешто се работи“, зборуваа разлутените селани. „Поради тоталната негрижа на власта, нашите луѓе најавуваат иселување. Размислуваме да побараме помош од некоја странска држава, бидејќи нашите ништо не прават. Кога доаѓаат ветуваат, а кога заминуваат се' останува по старо“, додава Масевски.
Додека бевме на сред село, дојдоа екипи за заштита и спасување. Директорот Тони Јакимовски ги убедуваше насобраните дека не се во прашање водите на Мавровско Езеро, бидејќи таму од четири турбини, наводно, работела само една. „Реонот го зафатија дождови што достигнаа 20 литри на квадратен метар, а со 40 литри се прогласува елементарна непогода. Дотоците во Вардар се зголемени за 3,5 пати. Ова е природна непогода. Преземаме мерки да помогнеме колку што е можно“, ги убедуваше селаните директорот Јакимовски.
Претседателот на МЗ му возврати дека „веќе не веруваат само на зборови“. Додека не видиме дека работите, се' е залудно што ни зборувате. Селаните не' обвинуваат дека ништо не сме сториле. Замислете, вчера член на Комисија за проценка рече: ’Овде нема штети’. Зарем е тоа одговор на последиците што ги остава поплавата“, револтирано негодуваше Масевски.
На излез од Раотинце навраќаме во дворот на Дуко Николовски. „Се' ми е под вода - куќата, плевната, тракторите, мотокултиваторите, огревните дрва, добитокот...“, а Сребрен Илиевски ни покажуваше дека во водата во неговиот двор и во куќата имало и дамки од нафта. |