Број 3263  среда, 21 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Македонија

Штавица страда за вода

Од водоводот протекува нечиста и матна вода. Селаните се жалат на стомачни болки. Тие се загрижени за здравјето на своите деца

Моника Талеска

ПРИЛЕП - Триесетина руинирани куќи во подножјето на неколку ридови и каллив пат што води до остри карпи крај река. Ова е сликата на селото Штавица, кое се наоѓа на 15 километри од Прилеп, на патот кон Мариово, а до кое се стасува по неасфалтиран пат со огромни дупки. Ако некој решил да го посети ова прилепско село, тогаш е најдобро да дојде пеш или со запрежна кола, бидејќи возилата се изложуваат на дефекти.

Атрибутите на оваа крајно заостаната, рурална средина се чувствуваат на секој чекор. Дворовите од куќите се полни со кал, а од сите страни доаѓа мирис на штали. Голем проблем во Штавица е водата. Иако има водовод, луѓето се страдни за чиста и квалитетна вода. Штавичани велат дека од водоводот протекува вода еднаш на неколку дена и дека од цевките првин тече нечиста и матна вода. Пиењето вода на селаните им предизвикува стомачни болки и други непријатни симптоми. Тие се загрижени за своето здравје и за здравјето на своите деца.

„Првин децата се разболеа, па татко ми, а сега и јас ги имам истите проблеми. Силни болки во стомакот со повраќање. Матичниот лекар препиша лекови и советуваше да пиеме само превриена вода, зашто оваа што на два-три дена ќе протече низ цевките е нечиста“, вели Дице Трајкоски од Штавица. Тој вели дека само неколку куќи во селото имаат вода. „Се мачиме, со канти чекаме капка по капка, носиме вода од едниот крај во селото на другиот. Тоа е единствен начин за да се одржи хигиената во домот“, додава Трајкоски. Неговата сопруга Даниела секој ден со корито оди до реката за да ја исплави облеката, зашто никој не може да собере толку вода во куќата.

„Топлам вода во лонци, перам во корито во дворот, но кога ќе дојде за плавење, со комшивките одиме на река. Ги чуваме и пиралките од бабите зашто со нив полесно се пере. Рацете смрзнуваат и раскрваруваат оти многу е студена речната вода. Но, што можеме кога не' фатила маката. Децата мора да бидат чисти. А тие се разболуваат, имаат температура. Стравот в коски ни влезе“, зборува загрижено Даниела.

Реакциите на штавичани за неквалитетна и недоволно вода за пиење се неприфатливи за „Водовод и канализација“. Оттаму се категорични дека откако водоводот е пуштен во употреба, селото добива здравствено исправна вода, со доволен притисок во чешмите, а дека проблем имаат две-три куќи.

„Од преслапот Слива се доведени дополнителни количества вода, а линијата е во должина од 1,7 километри. Водоводот во Штавица треба нормално да функционира, но, очигледно, е дека жителите прават некои манипулации меѓу себе, што е причина за недостигот од вода“, обвинува директорот Сашо Николоски. Тој потенцира дека со водоводот никој не стопанисува, ниту месната заедница во селото ниту претпријатието, а жителите не ја плаќаат водата.

Претседателот на месната заедница на Штавица, Мице Мирчески, ги известил жителите дека не треба да ја користат водата за пиење. „Добив писмо по пошта од градоначалникот Марјан Ристески дека водата не смееме да ја користиме за пиење, оти во неа може да има цревни бактерии. Им кажав на луѓето да знаат. Многумина имаат болки во стомакот. И моето дете се пожали“, вели Мирчески. Многу жители и не знаат дека треба да се штитат со превривање на водата.

По сиве овие случувања од локалната самоуправа побаравме одговор дали е извршен технички прием на водоводот во Штавица. „Водовод има, но технички прием не е извршен“, изјави Илија Карески, раководител на Одделот за урбанизам.

Водоводот во Штавица официјално го пушти во употреба градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, лани за селската слава, на 21 септември. Во присуство на многу гости, директори на јавните прилепски претпријатија, на многу приватни фирми како домаќин на славата, Ристески тогаш се пофали колку им помогнал на штавичани. Но, седум месеци потоа јавноста дозна дека водоводот профункционирал без технички прием. Се обидовме, но не успеавме да добиеме одговор од градоначалникот на Прилеп зошто се одлучил на ваков чекор.

Две постари жени, кои сигурно чекорат во осмата деценија од животот, Катерина Ризоска и Донка Јолеска ја раскажуваат нивната секојдневна домаќинска мака. „Што да прави човек без вода? Потребна е вода за готвење, за миење, за перење, за дворот, за добитокот. Но, рацете ни се фатени. Еве само од оваа чешма пред куќата на неколку дена тече по еден конец вода и толку. Ќе дојдат комшиите да налеат, а јас по скалите секој ден, којзнае колку пати ќе влезам и ќе излезам од куќата. Добро е кога има вода, но кога нема ќе стојат и садовите и облеката со денови. Дури и да имаме пари да купиме вода нема од каде, во селото нема ни дуќан ни продавница“, вели Ризоска. Нејзината пријателка се жали дека секој ден треба да мине долг пат за вода.

„И што ако се жалиме. Никој не слуша. И не е само водата проблем. Никој не е вработен во селото. Се мачиме по нивите, со добитокот. Од сите сме заборавени, никому не му е грижа за нас, селаните“, вели Јолеска.

Месното население, кое својата егзистенција ја обезбедува со одгледување добиток, пред речиси две години претрпе огромни штети. Многу овци се удавија во брзата река што поплави дел од селото. Но, отштета не добија. Овие луѓе се жалат дека се оставени сами на себе, без каква и да е грижа од општината или државата. Тие велат дека политичарите ја посетуваат Штавица само кога сакаат да собираат политички поени.

„По изборите, патот на политичарите води во други правци, ќе ги земат гласовите и толку. А, ние, кутрите, пак без пат, вода, канализација, нормален живот“, реагираат жителите. За утеха, остануваат најавите за изградба на асфалтиран пат до селото за да се олесни колку-толку движењето на жителите. За реализација на вакви проекти, ќе се бара финансиска поддршка од ресорното Министерство.

Според локалното население, Штавица е уште едно од селата што го сочинуваат мозаикот на македонската рурална мизерија. За да биде парадоксот уште поголем, на влезот од селото стои метална табла со натпис „Мал Холивуд“. Авторот на оваа идеја вели дека автентичните мотиви на Штавица се дел од неколкуте филмови на Милчо Манчески. Но, многу пореално би било доколку синонимот за Штавица би бил „мала африканска онитша“, или во превод „мало африканско гратче“ отколку „Мал Холивуд“.


#
Статијата е прочитана 382 пати.

Испрати коментар

Од: Flaster city
Датум: 21.04.2010 00:40:58
Во нормална држава Градоначалник кој пуштил во употреба водовод без извршен технички прием би сносел кривична одговорност. Впрочем, во нормална држава тешко дека такви би ја намирисале градоначалничката фотеља. Арно ама, ова е Македонија, ова е Прилеп. Човекот кој не знае чесно да состави една проширена реченица, ни крив ни должен, успеа да освои 2 мандата. Неговата сопруга која во ЛС беше вработена со средно образование, во меѓувреме успеа да заврши факултет, да магистрира и да стане асистент на Економски. Море дарба! За “квалитетите“ на нејзиниот сопруг очекувам конечно да проговори и грогираната опозиција. Дотогаш Марјан може да биде сигурен во едно: кривичните дела не застаруваат, исто како што не губат од важност официјално искажаните наоди на лекарите специјалисти. Напротив, документите се тука. Само го чекаат вистинскиот момент да бидат објавени. Бегство во Австралија воопшто не е решение на проблемот. Манески, побрзај со реновирањето на Идризово!

Најди! во Утрински
Македонија
Вардар направи пустош во Полог
Битолските улици решето од дупки, Талески живее во филм