Поглед
Пакетче за секое дете
Сања Наумовска
Имало-немало, пакетчиња по�� елката мора да се стават. За децата или за внуците, родителите и бабите и дедовците нема да штедат ниту годинава. Стандардот паѓа секоја година, а ниту платите ни пензиите не се зголемуваат.
Новогодишната и божикната трпеза се се' потенки, како и семејниот буџет. Возрасните признаваат дека скратуваат на подароци, купуваат помалку или поевтини.
Ако некогаш се подготвувало сето она што е традиционално за Нова година и за Божик, сега се готви онолку колку што може да се изеде. Но, за новогодишни пакетчиња, секако, ќе се најдат пари. Можеби изборот ќе падне на некое пакување со помалку чоколади, ама и на тоа ќе се радуваат децата. Родителите го знаат тоа, а јасно им е и на производителите на слатки.
Секоја година спроти новогодишните празници изборот е се' поголем. Понуда има за сечиј џеб, од сите компании што се занимаваат со производство и дистрибуција на благи изненадувања.
Пакетчињата се полни со слатки што ги привлекуваат најмладите. Најмногу, секако, со омилените чоколади, но и бонбони, лижалчиња, чоколадни дедомразовци, кекси и слично. Сепак, продажбата не е иста како некогаш. Возрасните носталгично се сеќаваат дека тие кога биле мали, добивале по неколку пакетчиња под елката.
Сега, на своите деца можат да си дозволат да им купат едно или најмногу две. За повеќе нема пари. Сепак, добро е што цените на новогодишните пакетчиња се реални, па математиката останува иста и да купите подготвено пакетче или, пак, да си направите самите. И, секако, да очекувате да ја видите радоста во детските очи и возбудата кога ќе се отвораат. |