Атина ги притиска грчките компании да се вратат дома?
Мерката спрема текстилните фирми во Македонија се оправдува со листа на ОЕЦД, но зад неа стојат и други можни мотиви
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Во Грција се' уште не е сосема јасно зошто грчките текстилни компании, кои имаат производни погони во Македонија, одеднаш не се во можност да ги оправдаат своите трошоци за производство. Имено, пред неколку дена Асоцијацијата на грчки текстилни фирми испрати писмо до грчкото Министерство за финансии, во кое тврди дека од нив индиректно се бара да се повлечат од Македонија, бидејќи со новите предлог-измени на Законот за финaнсии не може да се оправдаат трансакции со физички или со правни лица од држави што се на листата на земји со кои нема даночна соработка.
Неофицијално станува збор за заштитна мерка од страна на грчката држава за да се намали буџетскиот дефицит и да се принудат грчките компании, кои биле субвенционирани, да инвестираат во странство, сега да го вратат производството назад во државата. Покрај Македонија, уште 46 држави се ставени на листата, а објаснувањето е дека станува збор за законско почитување на меѓународната листа на ОЕЦД - Организација за европска економска соработка на држави што не се сметаат за „соработливи“ во даночниот сектор. Од грчкото Министерство за финансии велат дека Грција, како членка на оваа организација, ги почитува одлуките на ОЕЦД и нема друг избор освен да се придржува кон нив. Според грчкиот Закон за даночна праведност и даночно затајување, држави со кои нема соработка се оние што од 1 јануари 2010 година се проценети негативно од ОЕЦД за транспарентноста и размената на даночни информации и кои немаат потпишано договор со Грција за административна помош за даночни работи и со уште 10 други држави.
Овој проблем исплива на површина минатата недела кога од грчката Асоцијација на текстилни компании реагираа дека, поради тоа што Македонија е на листата на држави со кои нема соработка, не можат да ги оправдаат трошоците за производство во нашата држава. „На овој начин се укинуваат инвестициите на многу грчки компании“, стоеше во писмото на Асоцијацијата на грчки текстилни компании испратено до грчкото Министерство за финансии. Асоцијацијата побара Македонија да се третира како држава со повластен даночен режим.
Конкретни одговори за темата со текстилните компании, која е деликатна и се' уште се разгледува во Грција, засега нема, делумно бидејќи нема конкретна одлука, делумно и поради празниците, но и презафатеноста на грчкото Министерство за финансии. Од грчкото Министерство за финансии официјално велат дека не можат да постапат спротивно на меѓународните правилата на ОЕЦД, но оти во следниот период ќе ја разгледаат оваа тема што им создава проблем на грчките компании во Македонија и ќе се обидат да најдат соодветно правно решение за ова прашање. Според грчкото Министерство за финансии, ова може да биде и добра основа да се размисли за потпишување соодветни договори во финансискиот сектор меѓу Македонија и Грција, кои би биле неопходни за да се олесни економската соработка меѓу двете држави.
Како што коментираат дел од страните што се обидуваат да ја разберат темата, делумна причина поради која сме на оваа листа на ОЕЦД може да е и немањето договори со некои од државите за избегнување на двојното оданочување. Овој проблем меѓу Македонија и Грција се' уште не е решен. Во јануари 2010 година на средбата во Атина на Самитот на ОБСЕ македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, во дискусијата со грчкиот колега, Димитрис Друцас, предложи да се потпише спогодба за избегнување двој��о оданочување, но се' уште нема видливи резултати ниту напредок. За проблемите со немањето спогодби за двојното оданочување пред два месеца повторно реагираше и Стопанската комора на Македонија. На прес- конференцијата на 25 октомври Стопанската комора побарала од Владата да ја преиспита можноста за склучување повеќе договори за одбегнување двојно оданочување и заштита на странските инвестиции, со цел олеснување на трговската размена, зголемување на извозот и привлекување на странски инвестиции. Љубица Нури од Стопанската комора на прес-конференцијата посочила дека Македонија нема договор за одбегнување двојно оданочување и заштита на странски инвестиции со Грција, која е четврти трговски партнер и еден од најголемите инвеститори во Македонија, како и со Косово, САД, а со Англија нема договор за заштита на странските инвестиции. Договорите, како овој за избегнување на двојното оданочување, слободна трговија, заштита на инвестиции, царинска соработка, заемно признавање на сертификатите за квалитет и технички стандарди се сметаат за едни од главните предуслови за зголемување на извозот и привлекување странски инвестиции. |