Каматите ќе паднат ако расте економијата
Доколку економската активност е поголема во 2011 година и ако има повеќе позитивни барања за инвестиции, а компаниите работат подобро, тогаш банките ќе имаат многу поголем интерес за финансирање во кредити. Ова го оценија вчера во Прокредит банка, од каде што се надеваат на пораст на кредитното портфолио за 15 проценти во 2011 година. Додадоа дека фирмите при крајот на годинава почнале да доставуваат барања и за кредити за инвестирање, а не само за краткорочни, што беше посебно изразено на почетокот на 2010 година.
Како што рече на вчерашната прес конференција, Јована Јолевска-Поповска, генералната директорка на Прокредит банка, наредната година нема да биде едноставна, но во секој случај ќе има попозитивни тенденции и поголема активност отколку годинава.
„Интересот за кредити за инвестирање годинава беше помогнат и од кредитната линија од 100 милиони евра од ЕИБ, поради поволните услови и каматната стапка од 5,5 проценти. ПроКредит банка досега исплати 4,5 милиони евра од оваа линија, при што поддржа 30 проекти. Веќе се одобрени уште 38 проекти кои треба да се повлечат во наредните транши, во износ од шест милиони евра“, изјави Поповска.
Таа додава дека секогаш има простор за намалување на каматните стапки и дека тоа не е резултат само на монетарната политика. (МИА) |