Психијатрите ги прогонуваат полицајците
Во руското МВР речиси 2.000 раководители имаат сериозни психички проблеми
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Дури 30 отсто од руските полицајци би требало да ја вратат униформата и да ја напуштат службата, бидејќи психолозите и психијатрите тврдат дека не се нормални. Најновите анализи во министерството за внатрешни работи на Русија покажаа дека повеќе од 520 различни шефови имаат „несоодветен стил на раководење“, а речиси 2.000 полициски раководители имаат сериозни психолошки проблеми.
Во министерството за внатрешни работи не кријат дека психолозите утврдиле дека минатата година голем број полициски раководители покажале дека не умеат правилно да раководат. Загрижувачки е тоа што бројот на лоши раководители само минатата година двојно се зголемил. Интересно е дека се зголеми и бројот на „нервозни“ предавачи, кои ги обучуваат идните полицајци. Авторите на анализата тврдат дека постои „голем социјално-психолошки проблем“ во некои територијални органи, како и во образовните полициски установи.
Застрашувачки е податокот дека со проверката е утврдено дека 1.906 раководители во полицијата имаат симптоми на психопати со нарушена социопсихолошка адаптација. Вкупно беа прегледани 21.000 полициски раководители, а истражувањето опфати различни нивоа на таа служба.
Иако најмногу проблеми има во Белгоротската област, како и на север во Хакасија, ситуацијата е лоша и на Северен Кавказ, особено кај сообраќајната полиција. Многу проблеми има и во московската полиција. Пред една година во голема самопослуга во Москва, пијаниот мајор на полицијата, Евсјуков, уби и рани луѓе кои дошле во самопослугата да купуваат продукти. Сега дополнително се утврди дека Денис Евсјуков воопшто не смеел да работи во полиција, бидејќи како момче три пати лежел во психијатриска болница. Психијатарот-криминалист Михаил Виноградов тврди дека бил направен пропуст во селекцијата кога Евсјуков бил примен на работа.
Претседателот на синдикатот на московските полицајци, Михаил Пашкин, смета дека бројот за „началници - психопати“ во полицијата е намален и дека во реалноста е далеку повисок. Пашкин вели дека секој втор „началник“ во сина униформа се однесува ненормално. Од тонските и од видеоснимките што ги собира синдикатот се гледа дека одреден број полициски шефови не знаат нормално да разговараат, туку постојано пцујат и се однесуваат грубо кон соработниците. Полицискиот синдикат има снимки на кои се слуша како шефовите грубо разговараат не само со потчинетите од пониски чинови ��уку дури и со потполковници. Проблемот е во тоа што министерството за внатрешни работи досега не ги отстрануваше од служба таквите шефови, дури и кога ќе се утврдеше дека направиле тежок прекршок. Се' завршуваше со дисциплински мерки
Професор Виноградов смета дека од 30 отсто ненормални полицајци, две третини треба веднаш да бидат отстранети од служба, а на другите мора да им се даде професионална психолошка помош. На сите такви полицајци не смее да им се дава оружје в раце. Во руската полиција постојат три проблеми - алкохолизам, агресивност на надредените и корупција, нагласува професор Виноградов. „Во полицијата одреден број раководители покажуваат дека се наклонети кон разни злоупотреби. Доволно е да се анализира статистиката и пишувањето на весниците за да се види колку различни полициски шефови се сменети поради корупција и друг криминал“, објаснува Виноградов. Тој додава дека многу полициски генерали, но и пониски чинови, се прикриваат еден со друг и така не дозволуваат да се дознае за нивните злоупотреби.
Тоа што полицајците во Русија, исто така, многу пијат го објаснуваат со „потребата да се намали психолошката напнатост и стрес“. По најновиот извештај за состојбата во полицијата, сигурно ќе дојде и до кадровски промени. Меѓутоа, сите досегашни промени даваа мали резултати, бидејќи полициската професија во Русија не е престижна, а поради релативно малите плати, таму заминуваат млади луѓе од селата или провинциите кои бараат каква било сигурна работа. Во општество, како што е Русија, каде што раслојувањето меѓу богатите и сиромашните е огромно, логично е дека полицијата не може да биде „морално чиста и беспрекорна“. Во неофицијални разговори полицајците знаат да кажат дека „а крадат сите што можат, зошто се очекува од луѓето во униформи да бидат примерно чесни“.
Голем проблем на борбата против корупцијата во Русија е тоа што сите добро знаат дека руските милијардери, како и оние од поранешните социјалистички земји, не стекнале богатство со генијални идеи, туку со разграбување на државен имот. Затоа полицајците-криминалци се тешат дека тие не спаѓаат во најлошите и само „земаат трошки“ што можат да стигнат до нив. |