Се бараат виновници, а нема херои
Со историски теми се кријат денешните проблеми
Александра М. Митевска
Политиката „секогаш некој друг е виновен“, што стана препознатлив знак за актуелната владејачка гарнитура, добива карикатурални димензии со разгорувањето на јаловата дебата за пропуштените шанси за интегрирање во ЕУ во деведесеттите години од минатиот век. Во моменти кога земјата е оптоварена со многу проблеми и предизвици, јавноста се занимава со дилеми од типот „што би било кога би било“... Додека граѓаните ги очекуваат резултатите од „преродбата“, момчиња од ВМРО-ДПМНЕ, кои кон средината на деведесеттите можеби немале ни право на глас, му држат лекции за пропуштени можности на тогашниот премиер, ги негираат тврдењата на првиот и долгогодишен претседател на парламентот...
Чадот што се крена од претседателскиот кабинет стигна до Брисел. Европските дипломати се инволвираа во расправата за нашето минато...
„Дебатата за тоа што се случувало во 1995 година нема да ви ја поправи иднината“, поентираше евроамбасадорот Ерван Фуере.
Според универзитетскиот професор Стево Пендаровски, наметнатиот дијалог за неискористените можности во минатото е проѕирен обид за политичка манипулација. Пред претпоставениот неповолен извештај на Европската комисија, објаснува Пендаровски, на домашен терен се води непродуктивна расправа за да се избегне одговорноста за неуспесите на планот на интегрирањето во последните четири години. Целта, според него, е сегашните процеси да се компензираат со, наводно, пропуштени шанси во минатото, иако фактографски таквите тврдења воопшто не држат вода.
„По укорите што претставниците на власта ги добија од високи меѓународни претставници, државата е ставена на столбот на срамот. Со самото тоа што политичките фактори во земјава злоупотребуваат очигледна фактографија, се поткопува и она малку рејтинг што и' остана на државата на меѓународен план“, оценува Пендаровски.
Додека во Брисел се пишуваат последните страници од извештајот за Македонија, се чека исходот од самитот на НАТО во ноември, се најавува интензивирање на преговорите за името, кога стандардот на граѓаните се тенчи се' повеќе и сиромаштијата добива драматични размери, за домашната политичка елита не е главна преокупација како да се преживее есента, туку како на опозицијата да и' се препише вината за нешто што, наводно, се случувало пред повеќе од една деценија.
А, тоа „нешто“ прво беше одбиена понуда за членство во ЕУ под референцата ФИРОМ во 1995 година, за подоцна да се трансформира во непреземање поконкретни чекори за приближување кон Унијата во деведесеттите години од минатиот век!?
„Станува збор за една толку непродуктивна дебата, со тези што се целосно неточни и испревртени. Но, ете да речеме и дека има нешто вистина во таа бујна фантазија за која зборуваше Фуере... И што со тоа!? Сега имаме нови шанси, нови предизвици и треба да се фокусираме на нив“, вели комуникологот Петар Арсовски. Тој додава дека целата оваа расправа му штети на сегашниот процес на интегрирање во ЕУ. „Мес��о да бараме виновници во 1995 година, ајде да најдеме херои кои ќе ја завршат работата во 2010!“
Како што наведува Арсовски, по истиот принцип би можело постојано да се отвораат нови теми за дискусија. Би можеле да дебатираме зошто ни се случи ембаргото, потоа би можеле да се лутиме зошто Југославија не влезе во ЕУ со сите шест републики...
Откако темата за пропуштените шанси за ЕУ доживеа кулминација, премиерот Никола Груевски, на пример, вчера се обиде да отвори нова „транзициска тема“: отсуството на лустрација во првата половина од деведесеттите. „Пропуштена е голема шанса во тој период да се спречат одредени личности кои имале исклучително лош начин на доаѓање на повисоки функции во својата кариера“, рече премиерот.
Потоа тој се префрли на поблиското минато, зборувајќи за лажните ветувања што ги дал Црвенковски на 15 септември 2002 година. „Лажните ветувања пред осум години влегоа во македонската политичка историја како симбол за манипулација со народот. Добро е овој ден да се запамети, не само поради тоа што може да се повтори, но и за граѓаните секогаш да ги мерат ветувањата на политичарите дали се остварливи и каков е бекграундот на политичарот во однос на остварувањето на неговите ветувања“, изјави Груевски.
Во 2006 година, кога беше избран за премиер, Груевски вети дека неговата влада ќе стори се' што е потребно за до 2010 година да се исполнат критериумите за членство на Македонија во ЕУ. Рече дека нескриена амбиција на неговиот кабинет е преговорите со ЕУ да почнат во 2007 година. Сега е 2010 година, а за забавениот од на Македонија кон Унијата, според Груевски, виновни се Црвенковски и транзициските политичари. (A.M.M.)
14 септември - Хронологија на загубеното време
Васко Наумовски, вицепремиерот за европски прашања ја коментираше драмата околу 1995 година со препорака „што се случувало да кажат оние што ја воделе државатаво тоа време“.
Зоран Талер, европарламентарец, ја повика власта да не пишува нова историја, туку да го решава спорот за името.
СДСМ ја искористи изјавата на Ерван Фуере за да поентира политички, изјавувајќи дека неговиот став за „бујната фантазија“ на Владата е став на ЕУ.
Никола Груевски го прошири скандалот на деведесеттите оценувајќи дека СДСМ не аплицирал за ЕУ, бидејќи бил зафатен со криминалната приватизација.
Амбасадорот Ерван Фуере повика политичарите да се фокусираат на сиромаштијата, а не на приказни за минатото.
Контрапрес на ВМРО-ДПМНЕ со тврдење дека СДСМ испуштил повеќе шанси за евроинтеграција во 1990-тите, а не само една
Контрапрес на СДСМ на пресот на ВМРО-ДПМНЕ со обвинување дека власта само се обидува да манипулира со граѓаните. |