Селмани го оставија сам
Најавените протести на НД досега не добија поддршка од другите партии на Албанците и од НВО-секторот
Светлана Унковска
Партијата на Имер Селмани - Нова демократија в недела ќе излезе на протест пред Собранието поради несогласување со дел од решенијата според кои ќе се спроведе пописот 2011. Но, прашање е кому ќе му се обратат новите демократи ( кои ќе протестираат под мотото „Не се попишуваш, не постоиш“), бидејќи в недела ќе биде празна зградата на парламентот што треба да го донесе новиот закон за попис.
Откако НД ја напушти седницата на Комисијата за политички систем, затоа што им беше одбиен амандманот пописот да се одржи во јули, партијата најави протести, со што на најголемата статистичка операција и' дадоа политички димензии. „Ќе се видиме, заедно со народот, пред парламентот, каде што ќе се обидеме да ве спречиме да го изгласате законот“, порачаа на заминување пратениците од Нова демократија. Деновиве на една од телевизиите почна да се емитува спот во кој НД ги повикуваат граѓаните на протест. Во него се дадени и изјави на граѓани што ја напаѓаат владејачката ДУИ и велат дека тенденција на овој попис е да се намали бројот на Албанците и да падне под рамковните 20 отсто.
Иако се' уште не е донесен законот, а до спроведувањето на пописот има помалку од шест месеци, упорно се фрла сомневање дека пописот ќе биде фалсификат. Сепак, изостана поддршка за протестот од другите политички партии на Албанците и од НВО-секторот. Трите парламентарни партии на Албанците - ДУИ, НД и ДПА имаат сосема различни ставови за пописот. НД упорно бара целата операција да се изведе во јули, наместо во април, што е спротивно на препораките на Еуростат, додека ДПА, пак, срамежливо најави можност да повика на бојкот, а ДУИ, како владејачка партија, апелира на единство и уверува дека новиот закон ќе обезбеди реален попис на населението.
Според неофицијални информации, по најавата на протестот Селмани бил повикан на разговори во канцеларијата на ЕУ во Скопје и во амбасадата на САД. Од партијата на Селмани, сепак, тврдат дека немаат никакви притисоци од меѓународниот фактор, но и дека изостанала поддршката. На нивна страна досега, единствено, застанаа независниот пратеник Даут Реџепи-Лека, како и невладината „Реалитети“. Во „Разбуди се“ се' уште стои отворена поканата за протест, но во оваа невладина организација не се многу наклонети за поддршка на протестот.
Универзитетскиот професор Назми Малиќи посочува дека политичките партии мора да најдат концептуално разбирање околу законот, кој не смее да предизвикува незадоволство и сомневање.
„Времето на одржување на пописот не е важно. Поважно е Собранието да донесе закон со кој ќе бидат задоволни граѓаните и кој нема да предизвика сомневање кај албанското население“, вели Малиќи.
Тој наведува дека има две важни прашања што мора да се решат. „Прво, во Заводот за статистика има симболична бројка вработени Албанци и второ, законот за попис мора да го реши проблемот на оние што се надвор од државава, зашто нивните семејства да не можат да ги попишат и со тоа да се реши проблемот. Тука треба да се најде разбирање, бидејќи и оние што се на привремена работа во странство се наши граѓани“, објаснува професорот Малиќи. |