Во Битола прво се гради, па се легализира
Опозицискиот СДСМ го обвини градоначалникот за вмешаност во коруптивен скандал
БИТОЛА - Во атарот на битолското село Дихово никнува дивоградба, а општинскиот Совет отпосле треба да одобри постапка за подготовка на урбанистичка документација. Советниците од СДСМ вчера на седница обвинија дека локалната власт селективно легализира дивоградби, посочувајќи на објект-карабина, чија крајна намена би била пекарница лоциран во Потпелистерието. Опозицијата тврди дека ова е коруптивен скандал поврзан со градоначалникот Владимир Талевски, но службите од Општината возвратија дека нема случај.
Покажувајќи фотографија од спорната градба направена вчера изутрина, Томе Наумов од СДСМ рече дека објектот е во завршна фаза, а дека Советот е ставен пред свршен чин, да одобри постапка за изработување урбанистичка документација. Наумов заклучи дека во Битола, под закрила на градоначалникот, може да се работи по обратен редослед - прво да се изгради, а потоа да се легализира.
„Ваквата состојба не можам поинаку да ја квалификувам освен како коруптивна и поврзана со олигархиските кругови на градоначалникот Владимир Талевски. Објектот е изграден, а ние треба да одлучиме за изработка на документација. Ова се случува многу често. Од овој момент вистински ќе го контролираме градоначалникот“, потенцираше Наумов. Опозицијата категорична, Советот на Општината не треба да биде заложник на интересите на градоначалникот.
„Овој случај не е инсинуација, туку проверена работа докрај која не смее да го доведе во заблуда Советот. Бараме да престанат обидите на Талевски за легализација на објекти со строга селективност и со свесно кршење на законите“, рече Наумов.
Претседателката на битолскиот Совет, Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, оцени дека обвинувањата на опозицијата се „многу тешки квалификации“. Кузмановска побара овие тврдења да се изнесат кај надлежни институции, бидејќи во Советот обвинувањата не подлежат на кривична одговорност.
Од Секторот за градежништво и урбанизам во Битола велат дека во овој случај нема ништо спорно и дека се работи за редовна процедура. Тие вчера дознаа од советниците дека објектот е изграден. Во јуни годинава, кога биле на терен, на посочената локација немало никаква градба.
„Легализација на дивоизграден објект со планска документација е невозможно. Доколку во таа фаза се утврди дека на постојната парцела има каква било градба, тогаш престанува процедурата и се' се става во мирување“, вели Валентина Андријашевиќ-Кривашија, советничка за урбанистичко планирање во Општина Битола. Според неа, на потег е урбанистичкиот инспектор за да ја констатира фактичката состојба.
Од Одделението за урбанизам, сепак, признаваат дека не се ретки случаите во Битола прво да се гради, па потоа да се легализира. „Имаме такви предмети иако не можам да излезам со точна бројка. Внимаваме да не се најдеме во таква ситуација“, додаде Кривашија.
Пред една година, кога пред Советот на Општина Битола се најде предметот за легализација на зградата на една од локалните телевизии, градоначалникот Талевски го разреши првиот човек на Одделението за урбанизам во општината, Љупчо Стојчев. Избрканиот службеник, кој за многумина во Битола токму во овој случај беше само колатерална штета, се' уште бара правда пред битолските судови. (А.Б.) |