Брoj 2770  сабота, 23 август 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Втора страница

Сушата и општата негрижа секнаа многу чешми

Клиничката болница во Тетово користи бунарска вода поради деветчасовни рестрикции во текот на денот

Снежана Калабакова

Долгиот сушен период, намалените водотеци, енормно зголемената, но и нерационална потрошувачка, неконтролираното наводнување земјоделските површини, секнаа многу чешми. На екстремно високи температури кои достигнуваат 40 степени, без вода останаа голем број домаќинства во повеќе градови и во источниот и во западниот дел од Македонија.

Најалармантна е ситуацијата во Тетово каде што рестрикциите траат по девет часа дневно. Бунарска вода се користи за тетовската Клиничка болница. Од вчера е пуштен хидрофор кој црпи подземна вода, а капацитетот е 20 литри во секунда. Овие количества се за потребите на болницата и на Здравствениот дом. Вишокот се насочува кон градскиот водовод на Тетово. Анализите на Заводот за здравствена заштита во Тетово покажале дека водата е исправна за употреба.

Во неколку претходни денови кога дотокот на вода од градскиот водовод сосема секнуваше и во двете здравствени установи, или кога наидуваа периоди на рестрикција, потребите на болницата и здравствениот дом се задоволуваа со цистерни, а лекарите и другиот здравствен персонал пред и по интервенции рацете ги миеја од шишиња.

На проблемот што сега притиска со сета острина во Тетово одамна се сигнализира. Првите грешки на општинските власти биле направени кога неколку приградски населби, наместо со локални водоводи, биле приклучени на градскиот. Од друга страна, Тетово се шири и надградува со невиден интензитет и годишно се добиваат барем 500 нови станбени единици, а речиси 30 години не се донесени нови води во Градскиот водовод.

Во 2001 година почна реализација на проект со зафаќање води од Лешница во вредност од околу 2,5 милиони евра. Парите целосно биле потрошени, а било сработено само околу 20 отсто. Токму овие податоци ја поттикнаа локалната самоуправа да иницира акција за проверка на извршените работи и потрошените пари. Предметот заврши во фиоки и без одговорност, иако беа најавувани скандали и финансиски малверзации.

Со недостиг од вода се соочуваат и околу 3.000 жители на гостиварските приградски населби Циглана и Фазанерија, кои се освежуваат само во ноќните часови. Ситуацијата е таква иако штедроста на изворите во село Вруток од каде што со вода се снабдуваат Гостивар и шест селски населби е без значителни промени. Таа се движи меѓу 300 до 350 литри во секунда, што е стандардно и доволно за потребите на овој град. Вода им недостасува и на жителите на гостиварските села Дебреше, Зубовце, Беловиште, Чајле, Балин Дол и други.

Петтонска цистерна со штипска вода пет година секое утро патува од Штип за Свети Николе носе��ќи им вода за пиење на жителите на овој град. Околу 15.000 жители и понатаму имаат огромни проблеми со животната течност. И покрај бројните ветувања и вложените близу еден милион евра, градот се' уште го нема решено прашањето со квалитетна вода. Градоначалникот Слободан Даневски тврди дека ситуацијата е подобрена најмалку за педесет насто!

„Од новите бунари кај Кнежје квалитетна вода стигнува до половина град, односно до пониските делови на Свети Николе. Чекаме секој момент од Израел да пристигне филтерот. За зголемување на капацитетот дупчиме уште еден бунар на локалитетот Кнежје. Со доаѓањето и монтажата на филтерот ќе има доволно квалитетна вода за сите во градот и тоа на подолг рок“, ветува Даневски.

И ова лето граѓаните реагираат на бавноста со која се решава нивното најгорливо прашање, но реакциите не дават резултат. Со технолошка вода граѓаните се снабдуваат кој како ќе стигне - од чешми, извори...

Иако Штип и летово е мошне добро снабден со вода и немаше рестрикции, делови од градот се соочуваат со голема нерационалност. Имено, во населбата Суитлак, во која има над 350 викенд-куќи, во потрага по вода секој сам дупчи свој бунар. Една анализа укажува дека на тој простор биле направени над 150 дупчења за што сопствениците на викендичките потрошиле над 300.000 евра.

Проблеми со водоснабдувањето имаат и жителите од повисоките делови на Крива Паланка. И во Дебар станарите кои живеат на повисоките катови се соочуваат со недоволен притисок на вода, а во одреден период од денот чешмите се пресушени.

Во главниот град на земјава водоснабдувањето е стабилно. Од ЈП „Водовод и канализација“ посочуваат дека како и секое лето, покрај изворот Рашче, чиешто ниво сега е како и минатата година, активирани се и седумте бунари во Нерези и Лепенец, кои работат со полн капацитет.

Експертите тврдат дека Македонија има доволно вода и дека штедроста на Студенчица, како и на изворот Рашче се добри. Апсурдна е велат ситуацијата со Тетово и Гостивар , градовите под Шара која изобилува со најмногу води, а граѓаните не можат да ја згаснат жедта.

Проблемот со водоснабдувањето е сериозен и поради постојаната закана од глобалното затоплување. Затоа сериозно треба да се однесуваат и државата и локалните самоуправи, кои особено треба да поведат сметка за изградба на добри водоводни системи, со што ќе се спречат огромните загуби на вода поради старата и дотраена мрежа. Од друга страна, огромни средства за водоснбдување се донираат и во урбаните и во руралните средини. Општиот впечаток е дека милионски суми завршуваат во погрешен правец и дека проектите остануваат недовршени. Во општата штета се вклопуваат и партиските сопки и препирки.

Јосиф Милевски, раководител на Одделението за хидрологија вели дека има чувствителен пад на речиси сите водотеци, на изворите и на подземните води. На некои реки се забележува извесно стагнирање, но повеќе поради делот на ослободени води што се користеле за наводнување. Најзабележително опаѓање има на природните езера, особено на Преспанското, кое е незаштитено и перманентно губи вода. Во споредба со 1963 кога имало највисоко ниво, Преспанското сега има пад од околу 9 метри.

Во поблага форма се намалува и нивото на Охридското и на Дојранското Езеро, бидејќи немаат прилив на нови води, но тие можат да се контролираат и во нив се врши дотур на вода. Ваква критична година беше 1990, а потоа беа 2001 и 2002 година. Така се случува и сега, а ланската и оваа се две врзани години, објаснува Милевски.

Промена на температурите која се најавува од понеделник и врнежите од дожд кои наместа ќе бидат локални, а во некои делови и поројни, можат да направат одреден пресек на сегашната состојба, а ќе се намалат и потребите од вода за наводнување. Со последните врнежи на 28 јули, во Скопје наврнаа 25 литри на квадратен метар, додека во Крива Паланка паднаа 50 литри.

„Ова лето во однос на минатогодишното имаме намалена потрошувачка на вода за 10 отсто. За разлика од овој месец, во јуни потрошувачката на вода беше 310.000 кубни метри вода, што значи доколку трендот на потрошувачката се зголеми, располагаме со резерви. Но, мора да се имаат предвид и загубите на вода кои настануваат дел поради диви приклучоци, дел поради стара мрежа, како и поради нерационално трошење на водата. Токму поради тоа годинава ќе инвестираме 100 милиони денари во обновување на цевки. И покрај тоа, наш постојан апел е рационалното трошење“, вели Жарко Ивановиќ, директор на Секторот за експлоатација и одржување на капацитети во ЈП „Водовод и канализација“ во Скопје.

(Во подготовката на текстот учествуваа и дописници на „Утрински весник“)


Статијата е прочитана 371 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Втора страница
Бум и кикс
Verbatim
Алекс Швацер

Соопштение
Поради годишни одмори, од 25 август до 15 септември, ќе се објавуваат само коментарите пристигнати до 17 ч.