Почина пионерот на рокенролот Бо Дидли
Познат по својата правоаголна форма на гитарата, Бо Дидли зад себе остави богатство во ритам и блуз-музиката
Завчера во својот дом на Флорида, во 79. година, почина гитарската и пејачка легенда Бо Дидли. Овој влијателен музичар, познат по својата карактеристична рачно изработена правоаголна форма на гитарата, по темните очила и црниот шешир, беше и одличен текстописец, но и вистински шоумен. Гитарата ја свиреше со забите, зад грбот, ја превиткуваше низ нозете. Неговите интерпретаторски акробации беа како оние на Бади Гај и Џими Хендрикс, на пример.
Бо Дидли беше вистински претставник на американскиот блуз и ритам. Се прослави како пионер на рокенролот, создавајќи ги неговите есенцијални звучни нијанси заедно со Чак Бери и Елвис Присли. Оваа титула на Дидли и не му е ’доделена’ случајно. Најважниот чекор што тој го направи во својата долга кариера беше неговиот силен придонес во конечното преминување на блузот во рокенрол-музиката, воведувајќи постојани, цврсти ритми и упадлив гитарски звук.
Бо Дидли (Bo Diddley), чие вистинско име е Ота Елас Бејтс, а едно време беше познат и како Елијас Мекданиел, роден е во 1928 година во Мисисипи, град кој ќе му остане инспирација за креирањето на своите дела до крајот на животот. Во своите тинејџерски години ќе се пресели во Чикаго, кога и ќе го добие името Бо Дидли по едножичената африканска гитара. Во тој период, во своето слободно време сериозно ќе се занимава со бокс, но ќе свири и гитара на улица. Редовно ќе почне да настапува во 1951 година во клубот „708“. Четири години подоцна, ќе потпише договор со издавачката куќа на Леонард Чес - „Checker“.
Својата интернационална слава, Бо Дидли ја стекна во 1955 година кога „загосподари“ на ритам и блуз листите со композицијата едноставно насловена „Bo Diddley“. Потоа следуваат и вонвременските хитови - „Who do you love“, „Before you accuse me“, „I’m a Man“, „Mona“ и „You Can’t Judge a Book by the Cover“. Најсилна карактеристика во неговите композиции всушност, е ритамот, кој подоцна ќе го ’усвојат’ и славните Бади Холи и Брус Спрингстин во неколку свои теми. Дидли беше специфичен и поинаков од останатите не само затоа што користеше необични инструменти за тоа време, како електрична виолина на пример, но и неговата гитара, туку и по својот извонреден вокал, а во своите состави ги вклучуваше и жените. Многу од легендарните групи од 60-те години на минатиот век, но и оние современите, како „Ролингстоунс“, „Ху“, „Стуџис“, „Анималс “, Дејвид Боуви, „Ју ту“..., и самите ќе изјават дека во почетоците на своите кариери биле под силно влијание токму на композициите на Дидли. „Го копираме Бо Дидли ритамот“, се зборовите на некои од нив. А, тој велеше: „Свирам гитара како тапани“. И не беше далеку од тоа. Перкусивниот приод кон гитарата, всушност, произлегуваше од неговите долги раце, но и од неговото искуство на свирење на виолина, инструмент кој го научи и го практикуваше во младоста.
Во текот на 60-тите и 70-тите години Бо Дидли постојано ќе биде на турнеја, а кон крајот на 80-тите и заедно со гитаристот на ’Стоунси’ Рони Вуд, со кого ќе го објават албумот „LIve at the Ritz“. Дидли ќе ги придобие и фановите од помладата алтернативна генерација, кога еднаш ќе настапи и како поддршка на култната панк-група „Клеш“.
На неговиот прв голем албум издаден после две децении „A Man Amongst Men“, во 1996 година, ќе гостуваат легендарните Рони Вуд и Кит Ричардс од ’Стоунси’. По три години ќе добие „Греми“ за животно дело, како признание за силното влијание кое ќе го изврши врз популарната музика. Бо Дидли престана да настапува минатата година, по претрпениот срцев удар.
„Создадов сопствен стил во музиката“, ќе изјави Дидли во едно интервју. „Секогаш бев за тоа уметниците да трагаат по сопствениот пат, наместо да ги копираат другите. Но, никогаш не мислев дека ќе го изменам светот на рок музиката. Кога станав славен, навистина ’откачив’. Навистина, тоа не изгледаше реално. Си реков - ’леле имам хит-плоча! Но, потоа се соочив со ситуацијата. Јас доаѓам од многу религиозна средина и сфатив дека ми е дадена шанса која не треба да ја преспијам“. (Т.И.)
|