Собранието ќе се конституира на 20 јуни?
Георгиевски ќе чека да помине прегласувањето на 15 јуни и ДИК да ги соопшти резултатите
Оливера Војновска
Спикерот на самораспуштениот парламент, Љубиша Георгиевски, ќе ја закаже конститутивната седница на новото Собрание откако ќе заврши прегласувањето (што треба да се одржи на 15 јуни) во избирачките места каде што имаше инциденти. Георгиевски ќе чека да помине и жалбената постапка пред Врховниот суд - доколку има жалби, па ДИК да ги соопшти официјалните резултати и дури тогаш ќе го свика заседанието на кое треба да се верификуваат мандатите на новите пратеници.
Во Кабинетот на парламентарниот спикер велат дека конститутивната седница би можела да се одржи најрано на 20 јуни. Инаку, во Деловникот е прецизирано „дека Собранието може да се конституира ако на седницата се верификувани мандатите на две третини од вкупниот број пратеници“, односно на 80 од вкупно 120 парламентарци.
По изјавата на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за агенцијата МИА дека тој „нема да ја формира новата влада додека не се осигура дека сите граѓани го оствариле демократското право и дека нема да се дозволи ниту еден пратеник да ја добие функцијата на нелегитимен и недемократски начин со полнење кутии“, стана извесно дека и за конституирањето на Собранието и за изборот на владата ќе се чекаат крајните рокови што ги пропишува Уставот.
Во највисокиот правен акт е наведено дека „новоизбраното Собрание се состанува на конститутивната седница најдоцна 20 дена по одржуваните избори“. Претседателот на државата, пак, е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да и' го довери мандатот на партијата што има мнозинство во парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот му поднесува програма на Собранието и го предлага составот на владата. Претседателот на Собранието ја свикува седницата за избор на владата во рок од 15 дена од денот на доставувањето на предлогот за состав на владата и програмата. Според овие рокови, новиот парламент треба да се конституира до 22 јуни, а новата влада треба да биде избрана најдоцна до 6 август.
Како и што се очекуваше уште по објавувањето на кандидатските листи, во новиот парламент главно ќе ги гледаме истите пратеници од минатиот собраниски состав. Влезе речиси целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со старите и новите партнери о�� патриотско-портокаловата коалиција - СП, ДС, ДОМ, ДПТ, СПМ, ОПР. Меѓу новите лица се Борислав Стојменов, Јован Лазаров, Зоран Коњановски и Амди Бајрам.
Со „Сонце - коалиција за Европа“ во парламентот влегоа 18 пратеници од СДСМ, по четворица од ЛДП и од НСДП, либералот Стојан Андов и Ѓорѓи Оровчанец. Во пратеничката група на СДСМ повторно ќе бидат Радмила Шекеринска, Јани Макрадули, Игор Ивановски, Владо Бучковски, Цветанка Иванова, Никола Ќуркчиев, Славица Грковска, Весна Бендевска и Марјанчо Николов. Меѓу социјалдемократите кои првпат ќе станат пратеници се Горан Минчев, Томе Чингоски, Станка Анастасова, Маринела Тушева и Андреј Петров. Пратеник ќе стане и Емилијан Станковиќ на местото на Зоран Заев, кој веќе се повлече од листата. Петров, за кого исто така се говореше дека ќе се откаже од пратеничкиот мандат, сепак, најверојатно нема да го стори тоа. По поразот на изборите во Карпош, наводно, Петров се премислил и не сакал да ризикува наредната година да ги изгуби градоначалничките избори. Така што Илинка Митрева, која на листата во Првата изборна единица е веднаш по Петров, веројатно нема да добие уште еден пратенички мандат. Во парламентот не успеа да влезе ниту Оливер Спасовски, кој е на петтото место во „двојката“, од каде што влегоа четворица пратеници.
Либералдемократите ќе бидат претставени со познатата четворка од минатиот состав - Манасиевски, Пенов, Жерновски и Топузова-Каревска. На триото од НСДП Петковски, Анастасовски, Мисовски ќе им се приклучи Соња Мираковска.
Во пратеничката група на ДУИ нови пратеници се Ермира Мехмети, Феми Јонузи, Џемаил Јашари, Талат Џафери и Љиндита Ќазими. Нови парламентарци од редовите на ДПА се Имер Селмани, Абедин Зумбери, Мерал Узеири-Ферати, Имер Алиу, Сулејман Рушити, Садие Илјази, Шеваљ Мемиши и Влора Мемети. Во Собранието по втор пат пратеничко место обезбеди и Фијат Цаноски. |