Базените спас од летната жега
За сите оние што не можат да се печат и да се капат во езерата и во странските мориња, најекономична е посетата на трите базени
Бојан Шашевски
Пливањето во локалните базени е мошне добра летна алтернатива за граѓаните што немаат можност да отпатуваат подалеку од градов. Додека на двете градски плажи бодат очи табли со „Забрането капење“, хотелските базени недостапни за повеќето граѓани, а езерата и странските морињата се далечни поради тенките домашни буџети, градските базените се единствениот и најекономичниот спас од летната жега. Прашање е на избор дали да се оди на базенот во СЦ „Борис Трајковски“, отворениот „Бисер“ во општина Аеродром или Олимпискиот базен.
Најевтино е капењето во „Бисер“ во населбата Јане Сандански, познат како воен базен. Децата до 4 години можат да влезат бесплатно, а за возрасните дневната карта е 100 денари. Ноќното капење чини 50 денари. Најпознатиот скопски базен под отворено небо не им нуди на граѓаните сезонски билет.
„Работното време на „Бисер“ е од 8 нау��ро, па се до еден часот по полноќ. Од 8 до 10, но и од 18 до 20 часот се одвиваат тренинзите на пливачите и ватерполистите, а останатиот период од денот е резервиран за гостите рекреативци“, вели Александар Маниќ, раководител на „Бисер“. Тој додава дека поради јунските дождови посетеноста била релативно слаба, но затоа, пак, во пеколниот јули секојдневно врие од капачи.
За посета на неодамна реновираниот базен во Карпош, кој беше „освежен“ со нова фасада, соблекувални, систем за ладење и филтрација, терен за одбојка, летен бар, лежалки и друго, посетителите треба да платат дневна карта од 150, а за месечен билет треба да издвојат 2.500 денари. Така можат да заштедат 2.000 денари доколу се решат секојдневно да пливаат во овој базен.
Освен за новите услуги и богатите содржини, надлежните велат дека максимално се води сметка и за хигиената на базенот. Меѓу другото, овде е задолжително и носењето на капа за пливање. Оттаму велат дека најмногу капачи има најтоплиот дел од денот помеѓу 12 и 15 часот, со минимум од 200 лица дневно.
„За време на викенди бројот на посетители е поголем, но сепак внимаваме да не се надмине и капацитетот на базенот и сите пливачи да бидат задоволни. Работиме секој ден од 10 до 16, 30 и во вечерниот термин од 20 до 00, 30 часот“, рече Ивана Стојановска од СЦ „Борис Трајковски“ во чиј состав е базенот „Карпош“.
Техничкиот раководител на Олимпискиот базен, Билјана Антиќ, вели дека капачката култура на посетителите е на незавидно ниво.
„Многу од луѓето што доаѓаат да пливаат и се сончаат покрај базенот се агресивни и непристојни со персоналот. Некои постојано се караат и не сакаат да облекуваат чисти костими за капење, а други дури влегуваат во вода, па и си одат по дома по долна облека“, се пожали Антиќ.
До крајот на летните горештини влезот во Олимпискиот базен ќе биде 200 денари, а можност за бесплатно капење имаат само децата до 5 години. Термините за гости се од 11 до 17 и од 20 до 23,30 часот. Капачите може да користат тераса, чадори за сончање и имаат на располагање околу 200 лежалки, шанк на кој им се нуди храна и пијалаци. |