УХМР ќе постави метеоролошка станица на улица „Македонија“
Граѓаните ќе се информираат за температурата на воздухот, за брзината и правецот на ветровите, за влажноста на воздухот ...
Управата за хидрометеоролошки работи ќе постави метеоролошка станица во близина на споменикот на Мајка Тереза во централното градско подрачје. Таа ќе им нуди на граѓаните основни информации за температурата на воздухот на жешкиот градски асфалт, за брзината и правецот на ветровите, за влажноста на воздухот и за висината на воздушниот притисок. Информацијата за температурата на воздухот реално ќе покажува колку е топло или студено во урбаниот дел на Скопје, а таа секогаш отстапуваа од оние температури измерени на мерните станици на Зајчев Рид и на Петровец.
Од УХМР велат веќе има добиено дозвола за локацијата, а метеролошката станица планираат да ја постават во септември. Сметаат дека вакви станици се потребни и надвор од центарот на градот, па токму затоа до крајот на годинава, веројатно, ќе постават и во Аеродром, Карпош, Ѓо��че Петров и во сите други скопски општини. Во преговори се и со Министерството за животна средина за поставување и на аеролошки станици, на кои ќе се гледа колкаво и какво е загадувањето на воздухот од издувните гасови од автомобилите и во колкав процент се застапени другите штетни материи во воздухот. Со Министерството ќе се договорат и бројот и локациите за овие станици.
„Сметам дека навистина има јавен интерес за поставување на ваквите метеоролошки и аеролошки станици и токму затоа решивме да издвоиме средства и да ги поставивме. Една метеоролошка станица имавме во паркот ’Жена-борец’ и поради градежните зафати за поставувањето на споменикот на бранителите, општина Центар побара да ја дислоцираме. Токму затоа сега ни дадоа нова локација близу споменикот на Мајка Тереза и ние се согласивме со тоа, бидејќи улица ’Македонија’ е навистина најпрометното место во градов“, вели Вачно Димитриев, директорот на УХМР. (Сн.К.)
|