МАГАЗИН
Година на носталгични собирања и групирања
Кога 2008 година ќе стане само сеќавање, ќе ја сместиме во графата врзана за имагинарно обединување
ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА
Како би можеле да ја класифицираме годината која лека-полека се подготвува да замине во сеќавањата и спомените? Освен што беше престапна (а нив, престапните, оние што се со намера да разменат бурми ги одбегнуваат како ѓаволот крстот), ги испровоцира умовите да воведат ред меѓу соло-персоните, имаше вистинска, речиси опиплива носталгија. Каква? ЈУ, се разбира.
Концертот на „Нови фосили“ во Сава центар во Белград помина бомбастично, публиката освен што уживаше во хитовите на Рајко Дујмиќ, се потсети и на „добро и сито време“. Каде се' не прошета „Бијело дугме“? Дарко Рундек во српската престолнина, исто како и Јуре Стубиќ од „Филм“.
Најтазе, најактуелна е приказната врзана за реално музичко шоу „Операција триумф“. Уште две недели не' делат до вистинскиот победник, а големи шанси да се најде на тронот ги има нашиот Александар Белов. Во конкуренција се сите бивши ЈУ-републики. Освен Словенија, се разбира... А сега, имате ли впечаток дека се работи за носталгични собирања?
Годината 2008 почна тажно, а така ќе биде секој нареден 25 јануари, роденденот на Тоше. Само неколку месеци подоцна стигнуваат резултатите од „Кроација рекордс“ - тиражот на „Игри без граници“ изнесува 40.000 примероци. Обожавателите на Тоше деновиве ја одбраа и обвивката за англискиот албум што ќе можеме да го слушаме следната година.
Битолчаните од бендот „Паркети“ можат да се пофалат со добра година - покрај стандардна клупска свирка, каде што го имаат перформансот - соблекување речиси до гола кожа, ги видовме со спот за „Строубери“, со Елена Ристеска во темата врзана за галење.
И Елвир Мекиќ може да сонува и да мечтае за идните планови. Доволно беше врескањето на заедничкиот концерт со Јован Јованов за да се увериме колку го сакаат девојчињата.
Стари ора во ново руво, спакувани во проектот „Звуците на Македонија“, со тапан како водечки инструмент. Летово во Охрид, Мартин Вуќиќ имаше перкашн-концерт. Истото тоа го повтори и во Скопје.
Калиопи, дефинитивно, ќе ја памети годинава - успешни промоции на најновиот албум „Желим ти реќи“, и кај нас и во Хрватска и во Србија. Особеност и оригиналност, покрај најсилниот адут - гласот биле и останале одлики на оваа дама, на чии успеси сакаме групно да се радуваме. Секогаш.
Кирил Џајковски, Влатко Стефановски, „Фолтин“, „Синтезис“, Драган Даутовски.
Не смееме да го прескокнеме концертот на Лени Кравиц летово во Охрид. Беше жешко и огнено. И сонцето и тој. Фантастична свирка со која многумина ги наполнија батериите.
Не толку далеку, во Будва, Мадона се распосла во хотелот „Сплендид“ и покажа како тоа го прават големите ѕвезди. Во однос на барањата, се разбира. „Харт кенди“, последниот албум за оваа поп-кралица, значеше раскинување со старите навики. На пример, веќе да го нема во близина Гај Ричи. Ама, притоа, кучка од нејзиниот калибар никако не очајува и размислува што да прави со презимето на бившиот. Мадона едноставно си продолжи без последици. Затоа е Мадона.
Годинава не се прославивме на „Евросонг“ во Белград, ама имавме млада и енергична екипа - Тамара, Врчак и Гаџа си го поминаа редот.
Од поп-естрадата ќе ги споменеме фаворитите на Макфест – „Некст тајм“ и Влатко Лозановски. Неодамнешниот концерт на Каролина Гочева ќе го забележиме со пет ѕвездички.
Најитриот и најбогатиот меѓу музичарите - Горан Бреговиќ ем што и' направи албум на Северина „Здраво, Маријо“ , весели песнички конципирани како за свадба, каде што младоженците, бре чудо, се тие двајцата, си направи материјал и за себе. Се пее и пие за огнена вода во сите балкански варијанти - од сливова до виски!
Од фестивалите што добија лаври, како најдобар на Балканот сигурно е „Егзит“, кој искешира 20 милиони евра. „Кочани оркестар“ имаше богата концертна година, ексцентричната Јосипа Лисац се титулира со балканска икона, а Рамбо Амадеус навистина ја зголеми диоптријата, ама не загуби од луцидноста во последното музичко патешествие. „Слобода или ништа“ е насловната нумера на новиот носач на звук на „Партибрејкерс“, во кој Цане не отстапува од она што се вели - стил.
Октомври 23-ти. Преполн стадион во чест на Тоше. Тони и тони емоции. Ќе можеме ли повторно некого толку да сакаме? Вреди да се запамети.
Заглавени во сопствените лавиринти, во 2008 година заминаа Дино Дворник и Соња Савиќ, личности кои блескаво ги одбележаа 1990-тите... Почина и Шабан Бајрамовиќ, царот на ромската блуз-песна.
За неколку дена влетуваме во 2009 година. Подготвени сме за нови музички обединувања.
|