Забава - вести
„Фејтлес“ во Белград под закрила на „Авалон“
„Авалон продукција“ најавува нов спектакуларен настан за 2011 година - гостување на еден од најголемите светски денс-бендови „Фејтлес“, чиј концерт е закажан за 22 март во „Белградска арена“.
„Со огромно задоволство сакаме да ве информираме дека по малиот и ексклузивен концерт во ’Експо центар‘, ’Фејтлес‘ повторно се враќа во Белград. Концертот наедно ќе претставува и промоција на новиот албум ’Dance Never Stop‘, што се најде во продажба во почетокот на ноември. Ова е и финалниот дел на европската турнеја“, информираат од „Авалон“.
Влезниците ќе бидат пуштени во продажба од утре (15 декември), а нивната цена е 20 и 25 евра. Ќе може да се купат и во Македонија.
Гала-концерт на „Златно славејче“
По повод јубилејот 40 години на фестивалот на детска песна, „Златно славејче“, Сојузот за грижи и воспитување на децата на град Скопје организира гала-концерт што ќе се одржи на 16 декември во Универзална сала во 19 часот. На гала-концертот ќе бидат изведени дел од најголемите хитови на „златните славејчиња“, а ќе учествуваат повеќе македонски ѕвезди, кои ќе се вратат во времето и пак ќе бидат славејчиња!
ДНК со промоција во казино
Најновиот видеозапис на момците од дуото ДНК, Панчо и Андреј „Кажано е се'“, ќе доживее малку поинаква промоција. Спотот што го изработи „Томато продукција“ ќе биде промовиран во казиното „Ројал“ во Скопје, ден пред дочекот на Стара нова година, 13 јануари. Покрај студиото на „Томато“, еден дел од спотот е снимен токму во ова казино, а во него, меѓу другото, Панчо и Андреј ги истакнуваат и своите актерски способности.
|