Андов и Петковски сведоци на Анкетна
Комисијата за расчистување на собранискиот инцидент повторно ги пробива роковите
Поранешните претседатели на Собранието, Стојан Андов и Тито Петковски, ги пренесоа своите искуствата за тоа како функционирал системот за обезбедувањето и како се постапувало во услови на загрозена безбедност на парламентот, на вчерашната отворена седница на Анкетната комисија за собранискиот инцидент што се случи летоска. Анкетирањето на двајцата ексспикери ќе треба да им помогне на членовите на Комисијата во оценувањето дали влегувањето на вооружени неуниформирани лица во парламентот, како кога изби инцидентот, може да биде по наредба на МВР или надлежноста ја има претседателот на Собранието. На третата седница на Анкетната комисија, сепак, сите се согласија дека до инцидентот воопшто немало да дојде доколку Собранието има сопствена и независна Служба за обезбедување, наместо таа да функционира под капата на МВР.
Андов, кој во неколку мандати беше на чело на Собранието, појасни дека немало случај во парламентот да влегуваат вооружени лица без тој да знае, дури и во бурни моменти, па и во првите години на македонската независност кога институциите се' уште ги немаа усогласено меѓусебните односи. „Имав можност да посетам многу европски парламенти и можев да видам каков е статусот на тамошните парламенти и на службите за обезбедување. Ниту еден полицаец во парламентот не смее да добие наредба од друга институција, а ако се случува тоа, тогаш ние сме чиста полициска држава и во таков случај некој началник во полицијата може да му нареди на некој од службата за обезбедување да го уапси претседателот“, рече Андов.
Соња Мираковска од НСДП се интересираше дали некогаш министер за внатрешни работи по своја волја пратил дополнително обезбедување, на што Андов рече дека тоа никогаш не се случило. Петковски, пак, напомна дека тој во својот мандат не се соочил со немили случувања, но дека секогаш сакал да биде информиран за безбедноста на Собранието. Според него, неприфатливо било присуството на министерката Гордана Јанкулоска во парламентот следниот ден. „Со начинот на кој министерката Јанкулоска ги викна новинарите и им ги делеше фотографиите и цедињата, таа ја насочуваше јавноста. Министерката треба да и' ги прикаже на јавноста доказите кога ќе биде повикана од Собранието“, рече Петковски.
Комисијата, која веќе требаше да ги донесе заклучоците за собранискиот инцидент, најверојатно, ќе го пробие и овој рок, бидејќи треба да бидат анкетирани и други лица, меѓу кои и претседателот на Собранието Трајко Велјановски и министерката Јанкулоска. (Св.У.) |