Грчка и турска фирма во трка за изградба на автобуските постојки
Грчката „Ремеди абертајнзи АБ“ и турската „МОРЕ рекламкилик“ се двете фирми што доставиле понуда до ЈСП „Скопје“ од четирите што подигнале тендерска документација за изградба на автобуските постојки и поставување на електронските дисплеи. Комисија составена од четири члена на претпријатието вчера јавно ги отвораше пристигнатите понуди на вториот тендер што го спроведе ЈСП за избор на изведувач. Првиот тендер беше поништен, бидејќи имаше правни недоследности.
„Доколку сега нема никакви нерегуларности, Комисијата најдоцна за три недели ќе се изјасни која од двете фирми ја добила работата, а таа, пак, во рок од осум месеци треба да ги постави новите автобуски постојки“, рече вчера Мишо Николов, директор на ЈСП „Скопје“.
На вчерашното отворање на тендерот за автобуските постојки и електронските дисплеи во очекување од ЈСП да се инсталира лаптоп, присутните не ја видоа видеопрезентацијата како би изгледале моделите на автобуските постојки што ги нудеа двете фирми, чија документација вчера се отвораше. (Сн.К.) |