Египет е во состојба на готовност
Интернет и мобилните телефонски врски се во прекин, а се очекуваа и масовни протести по петочната молитва
КАИРО - Египетските безбедносни сили се во состојба на зголемена готовност, бидејќи се очекува илјадници луѓе да се приклучат кон антивладините митинзи по петочните молитви. Владата соопшти дека е отворена за дијалог, но, исто така, предупреди на „решавачки мерки“ како што се наѕираше четвртиот ден од насилничките протести. Интернет и мобилните телефонски врски во Египет се во прекин. Има информации за нови судири во текот на ноќта и апсење на припадници на опозицијата.
Наводното преземање строги мерки за најголемото опозициско движење „Муслиманско братство“, следуваше откако соопшти дека ќе ги поддржи петочните протести. Во четвртокот претставникот на египетската опозиција и добитник на Нобеловата награда, Мохамед Ел Барадеј, се врати во Каиро, ветувајќи дека ќе им се придружи на демонстрантите. Најмалку седум лица загинаа, а 1.000 се уапсени откако започнаа протестите. Тие следеа по т.н. Револуција на јасминот во Тунис, каде што претседателот Зине ал-Абидин Бен Али побегна во егзил.
Се очекуваше петочните митинзи во Египет да бидат најголеми досега; од луѓето се бара да се приклучат преку интернет-сајтови откако ќе присуствуваат на молитвите. Организаторите го повикаа народот да излезе сосила, нагласувајќи дека верата на демонстрантите не е важна. Сепак, повеќето Интернет и мобилни телефонски врски од вчера наутро се во прекин. Провајдерите на услугите не наведоа причини за прекинот.
„Муслиманско братство“ на својата веб-страница ја обвини владата дека го организирала прекинот „за да спречи гласовите на египетскиот народ да стигнат до светот“. Новинската агенција Асошиетед прес јави дека елитни контратерористички сили се распоредени на клучни локации во Каиро, како што е плоштадот „Тахрир“, каде што се одржаа претходните демонстрации.
Египетското Министерство за внатрешни работи предупреди дека ќе преземе „решавачки мерки“ против демонстрантите. Адвокат на „Муслиманско братство“ изјави за Би-Би-Си дека се уапсени десетици припадници. Извор од обезбедувањето изјави за Ројтерс: „Имаме наредби за безбедносни чистки на Братството“. И покрај официјалната забрана, „Муслиманското братство“ е најголемото и најорганизирано опозициско движење во Египет.
Дописниците јавуваат дека шефовите за безбедност го советуваат претседателот Мубарак дека можат да се справат со каков било проблем што би можел да се случи по петочните молитви. Мубарак (82) е на власт од 1981 година. Египетската влада толерира мало несогласување, а демонстрации на опозицијата редовно се забрануваат. Во четвртокот Националната демократска партија на Мубарак соопшти дека е подготвена за дијалог, но не понуди какви било отстапки. Сафват ел-Шериф, генерален секретар на партијата, изјави: „НДП е подготвена за дијалог со јавноста, со младината и со легалните партии. Но, демократијата има свои правила и процеси. Малцинството не ја форсира својата волја врз мнозинството“. (Би-Би-Си) |