Прогласена привремена влада во Тунис
- Премиерот на Тунис, Мохамед Ганучи, најави голема реконструкција на привремената влада. Тој ја задржа својата позиција, но заминаа многумина сојузници на соборениот претседател Зине ал-Абедин Бен Али. Ганучи истакна во телевизиското обраќање дека се заменети 12 министри. Тој инсистираше дека владата е „привремена“ и ќе ја „поведе земјата кон демократија“. Демонстрациите продолжуваат и се бара чистка на сојузниците на Бен Али.
Во средата Тунис издаде меѓународна потерница за Бен Али, кој побегна во Саудиска Арабија на 14 јануари. Бен Али, исто така, е обвинет за илегално стекнување имот и богатство, како и за пренесување средства во странство за време на неговото претседателствување. Ганучи ја најави реконструкцијата на кабинетот во четвртокот навечер, истакнувајќи дека во новиот состав има многу компетентни луѓе. Меѓу клучните промени е замената на министрите за одбрана, внатрешни работи и за финансии, кои работеа во кабинетот на Бен Али. Претходно, министерот за надворешни работи, Камел Морџане, ја најави неговата оставка, истакнувајќи дека тоа е во националните интереси на земјата. (Би-Би-Си) |