Број 3318  понеделник, 28 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Политика

Мундијалот, глобализацијата и Македонија

Се бориме за зачувување на името, а поради неучество на светските настани, актерите во светот ќе ни го заборават името

Ванчо Узунов


Во екот на Светското првенство во фудбал, се чини, безмалку апсурдно да се зборува за што било друго. Но, добро е, пак, ако се спојат убавото со корисното. Во таа смисла, јас се сетив на мои два текста на таа тема кои ги имав објавено во „Утрински весник“ во текот на Светското првенство во фудбал, кое исто така се одржуваше во јули, но во 2002 година - пред осум години - па ми стана интересно да видам што се' се има променето и во светот и во Македонија во текот на овој, сепак, релативно долг период. Оттука, во продолжение, преку неколку „слики“, станува збор за една паралела меѓу: (а) некои карактеристики на Мундијалот; (б) некои карактеристики на економската глобализација; и (в) некои актуелни состојби во Македонија. Навистина, каде сме ние, во „економско-мундијалска“ смисла, во современиот свет?

Слика број 1. Неангажираното (тоа за да не речам нестручно или озборувачко) гледање на натпреварите на Мундијалот открива интересни нешта: (a) речиси сите играчи имаат „светски шлиф“; (б) сите репрезентации носат опрема од марките на најдобрите светски производители; (в) навивачите, доколку не носат обележја на својата нација (т.е. репрезентација), може да се измешаат како навивачи на која било држава; итн. Се' на се', Мундијалот, всушност, е една прекрасна мешавина, при една навидум еднообразност која е диктирана од светските трендови. Тоа е првиот исход од влијанието на глобализацијата: побарувачката (вкусовите на потрошувачите) се унифицира под влијанието на глобално унифицираната најдобра понуда.

Слика број 2. И на Мундијалот, како и на светскиот пазар, има држави-лидери (т.е. репрезентации-фаворити) и држави-следбеници (т.е. надоаѓачки репрезентации). Кај лидерите има играчи кои потекнуваат од следбениците (тие се често нивните најдобри репрезентативци), но нема спротивен случај - во надоаѓачките репрезентации да има играчи кои доаѓаат од државите-лидери. За разлика, пак, од состојбата кај играчите, кај повеќето надоаѓачки репрезентации тренерите доаѓаат од лидерските фудбалски држави, а ниту еден тренер на репрезентација-фаворит не потекнува од надоаѓачките фудбалски држави. Тоа јасно покажува дека успехот денес е резултат на концентрацијата на најдобрите ресурси и на најдоброто знаење. Надоаѓачките фудбалски држави, иако се' уште не се доволно развиени, за да успеат ќе мора да купуваат од скапите играчи, а не единствено да ги извезуваат своите најдобри ресурси. Мудар потег прават оние што купуваат знаење (тренери) од лидерските држави - затоа и стигнале до Мундијалот. Тоа е вториот исход од влијанието на глобализацијата: помалку развиените економии (следбениците), покрај тоа што се извозници на обилни и евтини (а квалитетни) ресурси, тие мора да станат и увозници на знаење; а лидерските држави, покрај тоа што се извозни��и на знаење и стручност, мора да увезуваат ресурси. Воедно, следбениците ги имитираат лидерите и им се закануваат да ги стигнат.

Слика број 3. Станува збор за табелата на репрезентациите што успеаја и на оние што не успеаја да го поминат првиот круг на натпреварите и да влезат во осминафиналето. Се разбира, се пласираа еден дел од државите-лидери (т.е. репрезентациите - фаворити во фудбалот), но и повеќето од државите-следбеници (надоаѓачките репрезентации). Меѓу репрезентациите што отпаднаа пред осминафиналето, пак, има еден број од надоаѓачките репрезентации, но има неколку, а ги знаеме точно кои - и од репрезентациите-фаворити. Сега нас може да ни биде жал што Светското првенство останува без потенцијалниот квалитет и возбудувања кои можат да ги донесат отпаднатите репрезентации. Впрочем, тоа е најчестиот коментар што се слуша во јавноста. Се согласувам дека кога станува збор за фудбалот, всушност, и треба да бидеме емотивни и да жалиме. Но, кога таа тема ќе ја завртиме на економија и на односите на светските пазари, емоциите треба да исчезнат, а на работите да им се пристапува наполно пресметано.

Од табелата на репрезентациите осминафиналисти на Мундијалот, се извлекува еден многу битен и економски издржан заклучок: оние следбеници (или надоаѓачки економии) кои ги прифаќаат новите правила на игра што ги наметнува глобализацијата, постепено го намалуваат јазот со лидерите. И обратно. Со текот на времето, економиите следбеници дури и ги заземаат местата на лидерите. Аргумент: успехот на надоаѓачките репрезентации на Мундијалот, можеме да бидеме сосема убедени, не претставува резултат ниту (само) на среќа, ниту (само) на ентузијазам и слично. Не. Резултатот е последица на добро научените лекции и на упорната правилна работа. Верувајте, да беше само на среќа, можеби и Македонија ќе учествуваше.

Слика број 4. Да проанализираме сега и еден посебен случај. За споредба со Македонија најадекватен е примерот на Словенија, која, иако, за жал, не се пласираше во осминафиналето, барем беше на Светското првенство. Но, и Словенија, како и Македонија, е мала држава, што значи дека и малите имаат шанси - ако умеат. А што прави Словенија? Прво, ги следи универзалните (глобалните) барања и предуслови на играта (во фудбалот тоа се правилата, условите за работа, подготвеноста, дисциплината и професионализмот). Друго, за да го постигне тоа ниво, Словенија не мислела (само и само) краткорочно и политикантско-калкулантски (што се случило во „нашиот мандат“), туку имала јасна визија и изработена стратегија. Трето, следуваат инвестиции во инфраструктура (во фудбалот тоа се игралишта, стадиони, итн). Потоа, купувано е и знаење од странство. Конечно, нешто што е многу битно, за настап на светскиот пазар (или светското првенство), неопходна е и искрена соработка меѓу институциите на сите нивоа - бизнисите, нивните здруженија, универзитетите, владата (кај фудбалот меѓу играчите, клубовите, фудбалските сојузи итн).

Слика број 5. Добро, а каде е во сето тоа Македонија? Е, тука е поентата: си седиме дома и си гледаме (на телевизија)! Како што се вели: ние сме си „на сигурно“. Не сме пласирани, но не сме ни испаднати (од осминафиналето), нели? Не, пријатели, ние не сме неиспаднати! Напротив. Ние сме многу полошо и подолу од тоа. Ние сме непознати и непостојни како репрезентација на Мундијал! И, да не се залажуваме дека е така зашто сме мала држава (Словенија е уште помала), или дека е така само за фудбалот. Истата слика постои во светот за Македонија и во секој друг поглед, а притоа мислам, пред се', во однос на нашата економија. Многу сме блиску до тоа, иако упорно и упорно „се бориме за зачувување на името“, поради неучество и неприсуство на „светските настани“, актерите во светот ќе ни го заборават токму името!

Мундијалот си продолжува, а ние можеме само да ги извлекуваме поуките. Впрочем, исто како и пред осум години, а можеби дури и како пред цели 80 години. Но, додека тоа еднаш не го разбереме, ќе останеме да си седиме покрај телевизорите - барем додека се' уште ќе можеме да плаќаме за да ги увезуваме - и ќе бидеме само пасивни гледачи на сите светски збиднувања, кои секогаш ќе ги играат некои други.


#
Статијата е прочитана 547 пати.

Испрати коментар

Од: dedo dimo
Датум: 28.06.2010 13:30:38
Drugarot Uzunov navistina dobro ukazuva deka kaj nas ima dolgi koreni na nechisti raboti pa zatoa i uspeh nemame .Prvo Makedonija e mala zemja i sve se raboti preku poznatstvo I uspeshnite i ne uspesnite zavrshuvaat ednakvo .Profesorot Uzunov Treba da znaj dobro kako se raboti vo negovata struka - prosvetata .Diplomi na kilo a znaenje na miligramovi e zatoa ne mozime kako drugite drzavi .Bez znaenje nema ni USPEH . Da siromaska zemja sne , no sne edna od najbogatite zemji so diplomi vo svetot.Gospodinot Uzunov,trba da razberi starite velea "RIBATA SE SMRDUVA OD GLAVATA a mnogu luge i denes be znaat zosto bash od glavata ?.

Најди! во Утрински
Политика
Поставени темелите на очната болница „Европа“
И за протестот на СДСМ улицата пред Владата блокирана 15 часа
Ахмети им пишува на лидерите во Призрен
Никогаш не е доцна да се студира