Ахмети им пишува на лидерите во Призрен
Тетово – По повод регионалната средба на претседателите на Македонија, Албанија, Косово и на Црна Гора, што се одржа во Призрен, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, испрати писмо во кое им честита за нивното залагање во регионалните и евроатлантските интегративни процеси, како единствена алтернатива на народите и државите од Западен Балкан.
Во писмото тој наведува дека добрата практика, започната во Валона и во Охрид, се покажала уште еднаш, овој пат со средбата во Призрен.
„Нашите земји, како добри соседи, ја потврдуваат новата реалност, дека кога се има добра волја, кога се негува климата на добро разбирање и добрососедство, од земји со меѓусебни предрасуди, се претвораме во партнери и сојузници во нашите ориентирања за Балканот, интегриран во НАТО и ЕУ, а нашиот регион од кризно упориште се претвора во фактор на мирот и стабилноста“, вели Ахмети во писмото.
Ахмети, понатаму во писмото, наведува дека Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово ги промовираат европските вредности во регионот. „Слободното движење на граѓаните, борбата пр��тив организираниот криминал, патот на реформите, искрената соработка помеѓу овие земји, гарантира за народите добра иднина како и постојан економски раст“, наведува тој во писмото, честитајќи им на лидерите за нивните потврдени капацитети, преку пораките испратени од Призрен.
„Ви гарантирам дека вредностите, користа и добрите страни на овие средби се' повеќе потврдуваат дека вие сте вистински државници, визионери, кои со сопствените примери го трасираат патот на соработката, интегрирањето и европската перспектива на нашите народи и држави“, пишува Ахмети во писмото.
На крајот, тој посака да и' се придружат на четворката и други влијателни личности, затоа што, како што наведува, „регионот има потреба од единство, од смели политичари“. (МИА) |