Поставени темелите на очната болница „Европа“
Квалитети и прецизни услуги во лекувањето на очните болести за граѓаните, е целта на приватната очна болница „Европа“, чии темели беа поставени викендов во Скопје. Според најавите, болницата ќе биде опремена со сертифицирана и најсовремена опрема, произведена во 2010 година и ќе има капацитет за 15 до 20 илјади месечни прегледи за пациенти и од Македонија, и од цела Европа.
Согласно со плановите, болницата треба да биде изградена за осум месеци, а целокупната инвестиција да изнесува најмалку 12 милиони американски долари. Првично, се планира вработување на 85 лица болнички персонал.
„Ваквите инвестиции и изборот на Македонија како дестинација за ширење на дејноста е големо охрабрување за понатамошно олеснување на условите за стопанисување, водење бизнис и континуитет на соработката со приватниот сектор во здравството, но и во сите други области во кои има интерес за инвестирање“, потенцира премиерот Никола Груевски за време на поставувањето темели на болницата „Европа“.
Предноста е, подвлече претседателот на Владата, што ќе имаме клиника со најсовремена опрема, а една од главните намери е да се развива и т.н. здравствен туризам.
„Граѓани од европските земји, каде што овие услуги се многу скапи, ќе ги чини многу поевтино да платат сместување и авионска карта отколку да плаќаат во сопствената држава. Влада преку Министерството за здравство одлучи да финансира во опремување на Клиниката за офталмологија, така што Македонија ќе добие две установи - една државна и една приватна што ќе бидат високоопремени и од голем полза за граѓаните. Процесот за набавка е почнат и се надевам дека крајот на оваа или почетокот на идната година Клиниката за офталмологија ќе добие најсовремена и најнова опрема“, појасни Груевски.
„Основна цел на болницата за очи ’Европа‘ е да даде квалитети и прецизни услуги во однос на лекувањето на очните болести“, потенцира директорот Фарук Семис. (МИА) |