Резолуцијата не ги сплоти прогонетите Македонци од Егејска Македонија
БИТОЛА - Ниту резолуцијата што ја донесе Собранието за бегалците од воените дејства од Грција за време на Граѓанската и Втората светска војна не ги обедини протераните Македонци. Целта на овој документ е Владата да помогне во нивната правна битка за враќање на одземените имоти во Грција.
На вчерашната конференција што се одржа во Битола спорно беше и тоа како да се именуваат бегалците. Присутните сугерираа да не се користи веќе терминот деца-бегалци, туку тој да биде заменет или со прогонети Македонци или со координативно тело на конференцијата на Македонците. Тоа се некои од начините за сплотување на две и полдецениското несогласување и самостојно дејствување на сите формирани здруженија во Македонија.
„Околу 24 здруженија се заедно, но четири се надвор од заедницата. Има поединечни, лични и други интереси кои се' уште дејствуваат за една таква позиција на овие здруженија. Се надеваме дека во наредниот период и тие ќе бидат со нас. Овде не се работи за притисоци однадвор, туку за нивна ориентација да работат со едни или други структури“, изјави Методија Тошевски, координатор на Конференцијата за координација на Македонците од Егејскиот дел на Македонија на редовната седница во Битола.
Од конференцијата се свесни дека донесувањето на резолуцијата и нејзината имплементација ќе наидат на опструкции. Ова особено по крајно негативните критики од владата на Грција. Но, сепак, реално се надеваат дека поддршката треба да дојде, пред се', од структурите на Република Грција што се во Европската унија, особено од оние тела што се занимаваат со прашањата на дискриминацијата каде што, според нив, уште сега имало отстапување од официјалната политика на Грција.
На поддршка се надеваат и од здруженијата на Македонците од оваа соседна земја и од другите малцинства, како и од меѓународните здруженија. „Не треба да бидеме наивни, лесен пат нема, особено не во политичката борба и во борбата против дискриминацијата. Патот до целта ќе биде и тежок и долг и да не велиме правото е на наша страна. Правото е на наша страна кога ќе се избориме за него“, рече Тошевски.
„Ова може ќе биде забавено, но не подолго од 60 години. Нашите потомци сигурно ќе го доживеат“, дополни Никола Костурски, претседател на Заедницата на организации на протераните Македонци од Егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола.
Според членките на конференцијата, уште наредната недела ќе почнат активностите за конкретизирање на резолуцијата.
„Ветувања имаме, очекуваме искреност од власта, онака како што е конципирана резолуцијата. Треба да ја разработиме и од неа произлегуваат десетина обврски и наши и на Владата, за кои ќе ни треба и помош од адвокати и други субјекти“, изјави Ѓорѓи Доневски, секретар на конференцијата. (А.Б.) |