Депозит на банките кај НБМ ако кредитите пораснат над 40 отсто
Од 1 јули банките и штедилниците во земјава ќе бидат обврзани да издвојуваат задолжителен депозит кај Народна банка доколку нивниот раст на кредитите на населението надмине 40 проценти на крајот на декември 2008 година. Одлуката за задолжителен депозит ја донесе Советот на НБРМ, а се однесува на периодот јули - декември 2008 година. Задолжителниот депозит ќе биде месечен за износот за кој банките евентуално би ја пречекорувале утврдената месечна стапка на раст на кредитите, пропишана во одлуката, а на депозитот Народна банка ќе исплаќа камата од еден процент на годишно ниво. Задолжителниот депозит се воведува со цел да се обесхрабри пребрзиот раст на кредитите на населението, што на годишно ниво достигна над 55 отсто, информираат од НБРМ. Советот усвои и измена на одлуката за каматите на Народна банка, со која каматата што ја наплатува НБРМ за ломбардниот кредит, наместо 7,5 отсто, ќе изнесува 8,5 отсто. (Ј.Ј.)
|