Прегласувањето да биде мирно и чесно
Груевски најави апсење за сите што ќе предизвикаат инциденти при прегласувањето
Катица Чангова
Македонија е пред голем демократски тест, утре да покаже висок степен на политичка зрелост и култура. Прегласувањето е без алтернатива, мора да биде мирно, чесно и слободно изразување на волјата на граѓаните. На поправниот испит не се дозволени грешки, а најмалку насилства, заплашувања или фалсификати. Само беспрекорни избори се последна шанса да се ублажат негативните поени заработени на вонредното парламентарно соочување пред две недели. Меѓународната заедница како никогаш досега најенергично предупреди дека нема да прости киксови и дека штетите ќе бидат непоправливи. Ако инцидентите се репризираат, тогаш државата многу ќе изгуби во темпото на патот до евроатлантските интеграции.
Целосно се финализирани и процедурите на приговори и жалби од незадоволните учесници во трката за пратенички мандати на кои работеа Државната изборна комисија и Врховниот суд. В недела ќе се повтори гласањето на 187 избирачки места во три изборни единици, еден, два и шест. Станува збор за избори во најчувствителните региони на кои, покрај Албанци, ќе излезат и Македонци. Вкупно 161.874 евидентирани гласачи или малку помалку од девет проценти од електоратот може да го оствари уставното право.
Премиерот Никола Груевски вчера предупреди дека доколку в недела поединци или групи, партии или политичари се обидат да го повторат сценариото, институциите ќе дејствуваат енергично. Тој најави апсење без пардон за сите што ќе предизвикаат инциденти. „Ќе се соочат со крупни проблеми. Партиските функции нема да им помогнат ако ги закопаат шансите на Македонија за посреќна иднина“, потенцира Груевски. Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ нема да коалицираат со партија која ќе освои нерегуларни мандати во парламентот, па макар „и да немаме албански партнер“.
Првиот човек на ДИК, Јован Јосифовски, информира дека Врховниот суд ги разгледал сите жалби од овластените претставници на ДПА, ДУИ, ТМРО и ПДП и преиначил 11 решенија на ДИК. „По уважените жалби од ДПА, во општина Тетово ќе се прегласува на девет избирачки места, а во општина Теарце на две. По усвоената жалба на ДУИ ќе се прегласува на едно избирачко место во општина Теарце“, соопшти Јосифовски. На рекорден број места – 28 ќе се прегласува во Бо��овиње, на по 26 локации ќе се гласа во Тетово и во Липково, во Сарај ќе се повтори гласањето на 20 избирачки места, во Гостивар на 16, во Арачиново на осум, додека во Чаир ќе се прегласува на седум избирачки места.
За прегласувањето од ДИК биле побарани дополнителни акредитации за 106 странски посматрачи, а граѓанската асоцијација „Мост“ побарала акредитација за 22 посматрачи. Набљудувачите на ОБСЕ ќе бидат присутни во мониторирањето на безбедносната состојба.
Партиите од албанскиот блок очекуваат изборите да поминат во мирна атмосфера и нагласуваат дека цивилизираното гласање има посебно значење за нивната иднина во Македонија. Лидерите на ДУИ и на ДПА имале одвоени средби со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Ахмети барал гаранции од Груевски дека на денот на прегласувањето безбедноста на граѓаните ќе биде на максимално ниво за да можеле тие да го остварат нивното демократско право без закани и уценувања. На средбата Груевски - Тачи се разговарало за проблемите и предизвиците со кои се соочи Македонија во текот на изборниот процес.
„Државната изборна комисија е под контрола на опозицијата, а Врховниот суд под контрола на мафијата и старите комунисти“, обвини лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Тој апелираше до партиските активисти, членови и симпатизери и до сите граѓани в недела да гласаат по можност со вратоврска. Во ДУИ протестираат поради притворањето на Талат Џафери, кандидат за пратеник и член на претседателството на ДУИ, спроти изборите. Обвинуваат за провокации од противничкиот табор и бараат да престанат заканите кон членовите и претседателите на изборните комисии.
Амбасадорите на државите-членки на ЕУ и Мисијата на Европската унија повикаа на целосна одговорност за демократско и мирно прегласување. „Владините институции, партиските лидери и членови треба да ги исполнат своите одговорности. Силно ги охрабруваме граѓаните да го искористат своето демократско право“, се наведува во заедничката изјава на 16 европски амбасадори во Македонија.
Министерот за надворешни работи на Словенија и земја-претседавач на ЕУ, Димитриј Рупел, потсетувајќи дека изборите се прифатени како деветти критериум за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, упати апел за мир, фер и демократско прегласување како клучен услов за остварување на европската перспектива на Македонија. „Очекуваме властите да ги преземат сите потребни мерки граѓаните да можат да гласаат во сигурна и демократска атмосфера. И партиските лидери да направат се' што е во нивна можност за да осигурат мирно гласање“, порача амбасадата на САД.
Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Џорџо Радикати, апелира на денот на прегласувањето да се создаде безбедна и слободна изборна атмосфера за граѓаните. Според Крис Хеншоу од американскиот Национален демократски институт, Македонија е пред тест кој мора да го помине за да ја врати довербата на светот дека може да има демократски избори.
На 15 јуни, да се поправи штетата направена во првиот круг на изборите, порачуваат во заедничка изјава Фуере и Миловановиќ. |