Колкави се каматите за живеење на кредит?

Каматите за потрошувачките и за автомобилските кредити одат нагоре, а станбените се' уште се на исто ниво
Соња Маџовска
Тешко во денешни услови да може да си дозволите да купите стан, автомобил или, пак, да одите годишен одмор, а да не земете кредит од некоја банка. Во последниве неколку месеци, поради затегнатите услови во банките, македонските граѓани се' потешко можат да зајмат пари од банка. Сепак, велат дека и натаму се принудени да побараат финансиска помош од банките. Заклучно со декември лани, граѓаните им должат на банките една милијарда евра.
Нивните коментари се дека каматните стапки се превисоки, а банките во моментов бараат и многу други дополнителни услови околу гаранциите, што претставува проблем за нискиот стандард на граѓаните. Некои банки практикуваат кредитот, покрај лицето што го бара, да мора да биде обезбеден од уште двајца жиранти, но само под услов тие да се вработени во државните институции.
Ставот на експертите и на банкарите е дека висината на каматите ја одредува пазарот и тие се повисоки кога побарувачката е поголема од понудата. Во услови на рестриктивна монетарна политика, заострени услови и повисоки банкарски камати, граѓаните се во потрага на банка која, сепак, ќе им излезе во пресрет. Оние што мораат, а такви се поголемиот дел од граѓаните, со денови истражуваат која банка дава најповолни услови.
Според податоците од неколку домашни банки, најбарани се потрошувачките, автомобилските и станбените кредити.
Најскапи се потрошувачките, каматите за овие кредити во просек се над 11 отсто.
Во Комерцијална банка за кредит до 15 илјади евра, во денарска клаузула, каматите изнесуваат 11,5 проценти, рокот на отплата може да биде до 7 години, а се бараат и двајца жиранти, доколку лицето ја прима платата од некоја друга банка. Во истата банка каматните стапки за станбен кредит се 8,5 отсто, рокот на отплата е од 12 до 20 години, а обезбедувањето е со хипотека.
За кредит до 10 илјади евра, месечната рата изнесува 90 евра, ако тој се отплаќа на 20 години. За тој период, сумата што се плаќа на име камата, изнесува исто колку и сумата зајмена од банката. Значи, за кредит од 10 илјади евра, на 20 години отплата, ќе и' вратите на банката двојно, односно 20 илјади евра.
Поинаков е соодносот, доколку отплатата е на 12 години. За истата сума од 10 илјади евра, месечната рата е 110 евра, но вкупната сума за камати е малку над 5 илјади евра.
Во Стопанска банка најбараниот О.К. кредит е со 14,3 проценти годишна каматна стапка. Со него може да повлечете сума до 5.000 евра, секако во зависност од пријавените нето-годишни приходи. Станува збор за револвинг потрошувачки кредит со можност за флексибилно подигнување и отплаќање.
За потрошувачки кредити на поголема сума, до 30.000 евра, каматите се од 6,8 отсто во првата година на отплата, до 8,9 отсто за останатиот период. Поскапи се кредитите доколку се со денарска клаузула. За помала сума до 5 илјади евра каматите се повисоки и се движат од 13 до 15 проценти.
За станбените кредити Стопанска банка нуди повеќе опции. Каматите се од 6 отсто за првата година, до 8,25 во преостанатиот период. Хипотеката што се бара е од 130 до 250 проценти, во зависност од износот на кредитот. Овие правила важат за кредитите со девизна клаузула, а за оние со денарска, каматните стапки се над 11 отсто. Каматите за автомобилските кредити постојано одат нагоре. Во моментов изнесуваат 8,25 проценти.
Во Тутунска банка потрошувачките кредити се со камати од 8 до 15 отсто.
За станбените, каматите се движат околу 8 отсто, за автомобилските, во зависност од учеството, од 7 до 8 отсто, а за кредитите за кои се бара залог или хипотека - од 12,9 до 13,9 отсто.
Повеќе поволности се нудат за оние клиенти што земат плата преку иста банка, но во секој случај задолжително е да си обезбедите двајца жиранти вработени во државните институции.
Охридска банка од овој месец ги зголеми каматните стапки на потрошувачките кредити во просек за 0,5 проценти и на автомобилските кредити за еден процентен поен. Оттаму велат дека најбарани се потрошувачкиот кредит кеш-експрес, со каматна стапка од 11 проценти, според новите пресметки, а за автомобилските каматите се 8,75 проценти. Станбените кредити се со камати од околу 7,88 отсто.
Ова се најбараните кредити во групата поголеми и средни банки. Во помалите банки кредитирањето оди многу тешко, а во некои и воопшто не се примаат барања за кредити.
Инаку, заклучно со декември 2008 година вкупната задолженост на граѓаните во домашните банки, без приватниот сектор, изнесува над една милијарда евра. |