Вирозите почнаа да ги полнат амбулантите

Во дежурните амбуланти, неофицијално, дневно се прегледуваат и над 150 пациенти
Јасмина Јовановска
Вирозите почнаа да ги полнат амбулантите, а грипот според епидемиолозите допрва се очекува да земе замав. Во чекалниците најчесто се среќаваат пациенти кои се со тешки инфекции на горните дишни патишта. Колкава бројка болни со вирози, од кои некои според лекарите може да се дефинираат и како грип, дневно минуваат низ општите амбуланти никој не знае точно.
Според неофицијални информации, во текот на 24 часа во дежурните амбуланти се прегледуваат и над 120 пациенти. Најголемиот дел од болните се жалат на главоболки, покачена телесна температура, сува кашлица, исцрпеност и повраќање. Температурата се качува и до 40. степен, посебно кај децата, како понежна популација, велат лекарите. Таа трае три-четири дена. Инфекцијата доаѓа ненадејно, зашто инкубацијата е кратка, објаснуваат лекарите, и обично трае до седум дена.
Во Републичкиот завод за здравствена заштита потврдија дека е зголемен бројот на лица заболени од акутни респираторни заболувања, што е нормален сезонски пораст. Неделно се регистрираат и по 2.500 заболни од вирози, со што од почетокот на годинава досега бројот е зголемен за 30 отсто. Така, од првата недела во јануари, кога биле регистрирани околу 12.000 заболени од вироза, овој број во последната недела се искачил на околу 26.000. Најмногу страдаат децата до шест години и возрасните од 20 до 59 години. „Освен вирози, голем дел од заболените завршуваат со бронхитис или, пак, со стомачен вирус и дијареја“, објаснуваат епидемиолозите.
За разлика од горнореспираторните инфекции, од почетокот на годинава досега многу е мал бројот на заболени од грип. За шест недели во земјава се регистрирани само 211 случаи на грип. Од нив најголем број, и тоа 74, се пријавени во Тетово, 65 се регистрирани во Велес, 38 во Скопје, 26 во Валандово. Од вирусот на грип заболеле и 19 струмичани, 12 ресенчани и 10 кумановци. Во некои градови се пријавени само поединечни случаи, а во дури 17 од вкупно 31 град не е регистриран ниту еден заболен од грип. Најголем број од заболените се на возраст од 20 до 59 години. Епидемиолозите забележале 109 заболени во јануари, а 102 за првите две недели од годинава.
„Оваа бројка на заболени од грип е многу помала во споредба со лани, кога за само еден месец беа регистрирани десет пати повеќе заболени, односно околу 1.200 грипозни“, оценуваат епидемиолозите. Малиот процент на заболени од грип лекарите и епидемиолозите го објаснуваат со фактот што годинава во декември, па и во јануари дневните температури беа многу ниски. „Како што се покачуваат температурите така расте и бројот на заболени, што се потврдува и со регистрираните случаи“, укажуваат лекарите и додаваат дека грипот може да пламне допрва.
Актуелните инфекции, според лекарите, се атипични вирози, кои треба да се одлежат в кревет, со многу чај, витамини, аналгетици и антипиретици за покачената температура, и антибиотска терапија доколку е потребно. Се разбира, за тоа треба да одлучи лекарот, а не антибиотиците да се земаат на своја рака, укажуваат лекарите. |