Паушали од 2.000 евра за членовите на АЕК

Со примања повисоки од оние на претседателот, членовите на АЕК ќе бидат најплатени функционери во државата
Оливера Војновска
Со месечни примања од околу 2.000 евра членовите на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации ќе бидат најплатените јавни функционери, со значително повисоки примања од претседателот, премиерот и од спикерот, кои за извршување на највисоките државни функции добиваат по 90.000 денари, околу 1.500 евра. Ваквиот месечен паушал за петтемина членови на регулаторното тело е предвиден со измените на Законот за електронски комуникации и, според потпретседателот на Собранието Јани Макрадули од СДСМ, ќе претставува награда за сервилност кон премиерот Никола Груевски. Особено, како што вели Макрадули, за тројцата членови од Комисијата што биле во Кабинетот на Груевски, во периодот кога тој бил министер за финансии.
„Сумата од 120.000 денари што овие членови ќе ја добиваат секој месец, со обврска да имаат само четири седници во годината, не може да биде ништо друго освен награда за нивниот молк за тоа што се случувало во Министерството во 2001 година“, е уверен Макрадули. Тој на вчерашната седница на Комисијата за транспорт и врски ги критикуваше предложените измени на Законот за електронски комуникации, уверен дека Владата врши упад во АЕК и истовремено прави законска основа за масовно прислушување на граѓаните.
На вчерашното второ читање на спомнатите законски измени Комисијата за транспорт и врски не прифати повеќе амандмани предложени од СДСМ. Меѓу нив беше и барањето за бришење на одредбата што предвидува Министерството за транспорт и врски да има можност да регулира неправилности во работењето на АЕК, а Владата да дава мислење за планот за намена на радиофреквенцискиот опсег.
„Доколку законот остане во ваква форма, Владата ќе врши упад во работата на АЕК, што е спротивно на европските директиви“, рече Макрадули образложувајќи го амандманот.
Законот го бранеше и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Катерина Димеска, која е убедена дека опозицијата сака да ја политизира целата постапка. „Не смее на Владата да и' го ускратиме правото да сугерира во случај на незаконитости. Законските измени се во интерес и на граѓаните и на операторите“, смета таа.
Но, на Макрадули не му е јасно како Димеска тврди дека законот е во интерес на операторите, ако од 47 забелешки што тие ги доставиле за текстот, им се прифатени само три. „Тие добиваат обврска да набават опрема за прислушување и линк до МВР. За тоа ќе потрошат над 150.000 евра, а тие трошоци ќе ги наплатат од џебот на граѓаните, преку зголемување на цените“, рече Макрадули.
Министерот Миле Јанакиески негираше дека се прекршуваат европските директиви, појаснувајќи дека станува збор само за усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа. Според овој Закон, Министерството за транспорт е овластен орган на државната управа врши надзор над законитоста на работењето на АЕК како правно лице. Јанакиески уште кажа дека законот бил подготвуван седум месеци, а минатата година за него имало и јавна расправа. „Овој закон уште минатата година беше доставен до Европската комисија, од каде што добивме цела матрица со забелешки, што беше доставена до пратениците. Одговорно тврдам дека не е спротивен на ниту една европска директива, а особено на Рамковната директива со која се уредува работењето на независниот регулатор“, рече Јанакиески. Сепак, министерот не кажа ниту збор за обвинувањата дека со законот се создаваат услови МВР да ги прислушува граѓаните кога ќе посака. |