Судијата бара јавно да проговори дали бил кодош
Уставниот судија, кој е осомничен дека е кодош, ќе бара од Комисијата за лустрација јавно да ги изнесе своите аргументи. Комисијата за верификација на фактите завчера му доставила заклучок на судијата од Уставен суд, во кој е наведено дека има несогласување на неговата изјава оти не бил соработник на тајните служби со фактите што Комисијата ги утврдила.
Судијата, како што информираа вчера од Уставен суд, ќе го користи своето право да се изјасни во законскиот рок од пет дена и ќе побара да се симне превезот на тајност, за да може да му се дозволи јавно да ги изнесе своите аргументи на седница на Комисијата за верификација на факти.
Од Уставен суд појаснуваат дека ваквото барање на судијата не е во контрадикторност со нивната одлука, со која се забранува јавно објавување на имињата на лустрираните во „Службен весник“. Оттаму велат дека нивната забрана се однесува на Комисијата, но тоа не го исклучува правото на поединецот, кој е подложен на проверка, да бара јавно да се произнесе,бидејќи тоа е предвидено во законот.
Инаку, неофицијално дознаваме дека уставниот судија, наводно, се огрешил во средношколски денови, како припадник на разгранок на организацијата под име „Обединети за Македонија“, која се залагала за припојување на трите дела од етничка Македонија. Откако бил откриен, под притисок на полицијата, бил натеран да ги каже имињата на организаторите. Комисијата ќе треба да утврди дали тоа го правел за пари, од кариеристички цели или, пак, со своите активности нарушил нечие човеково право и слобода. (Г.Д.)
|