Фудбалски вести
Манчини го менува Сколари во Челзи
Додека тренерот на Челзи, Луис Фелипе Сколари, од управата на клубот упорно бара пари за нови засилувања, газдата Роман Абрамович му подготвува отказ. Со оглед на тоа што на „сините“ од Лондон во последно време не им оди како што планираат, а згора на тоа не сакаат да се расфрлаат со пари, логичен след на нештата е разделба. Англиските новинари веќе и го знаат наследникот на Бразилецот. Според нив тоа е бившиот тренер на Интер, Роберто Манчини, кој треба да дојде на „Стемфорд Бриџ“ веднаш после Нова година. Младиот италијански стручњак се' уште има договор со Интер и оттаму прима пари, но моментно се наоѓа во Лондон на усовршување на јазикот. За можната соработка меѓу Манчини и Челзи се шпекулираше и пред доѓањето на Сколари, но интересно е што сега ниту двете страни не ги демантираа пишувањата.
Гигс: Гламур? Не, благодарам, тоа е за Бекам!
Легендарното крило на Манчестер јунајтед Рајан Гигс изјави дека гламурозниот начин на живот не му удрил во глава и дека животот на висока нога го баталил уште како млад.
„Не сум приврзаник на богатиот начин на живот, со тоа се помирив како помлад. Тоа е, на пример, за Дејвид Бекам. Нему исклучително му годи. Мене секогаш ми годело да играм фудбал и евентуално да одработам некое „сликање“. Секогаш сум мразел стотици луѓе да трчаат околу мене“, изјави Гигс, кој со преку 759 меча за Јунјтед стана фудбалер со најмногу настапи во историјата на овој клуб.
„Имам впечаток дека сето тоа внимание влијае негативно. Погледнете ги сега младите фудбалери. Сите имаат адвокати, советници, претставници, портпароли...Други луѓе управуваат со нивните животи. Во мое време во најдобар случај сме имале агент“, додаде Гигс.
Легендарниот Мајкл Џонсон со фудбалерите на Астон Вила
Под водство на Мартин О’ Нил Астон Вила стана најголемото освежување во Премиерлигата, а работата на ирскиот стручњак базирана на усовршување на младите фудбалери во орбитата ги лансираше Ешли Јанг и Габриел Агбонлахор. И двајцата станаа репрезентативци на Англија, а исклучителните спринтерски способности на крилните фудбалери го одушевија и легендарниот атлетичар, бившиот светски првак на 200 и 400 м. Мајкл Џонсон. Олимпискиот шампион кој беше на неколку тренинзи на Астон Вила смета дека момчињата можат уште побрзо и им понуди тренинзи на неговата академија во Далас. Џонсон е втор атлетичар, кој се врзува со некој фудбалски клуб. Пред него најбрзиот човек во светот Усеин Болт требаше да присуствува на неколку тренинзи на Реал Мадрид, но тоа не се случи.
Роналдо доби второ дете
Вереницата на некогашниот број 1 во светот Роналдо, Беатрис Ентони, роди ќерка во родилиштето во Рио де Женеиро. Името на девојчето е Марија Софија, а таа е второ дете за Роналдо (има и осумгодишен син од претходната врска), кој се' уште се опоравува од операцијата на коленото. Како што е познато Роналдо неодамна потпиша за Коринтијанс, иако нема играно од февруари кога ја заработи повредата како играч на Милан.
Венгер го сака Алонсо од Ливерпул
Менаџерот на Арсенал Арсен Венгер сака во јануарскиот преоден рок да доведе играч кој би го надоместил недостатокот на повредениот Саск Фабрегас. На мета е Чави Алонсо. Токму 27 годишниот Шпанец со својот непресметлив старт го повреди својот шест години помлад соиграч од шпанската репрезентација. Тоа се случи во последната минута од првиот дел од дербито на 18. коло на „Емирати“ (1:1).
Арсенал понудата за Алонсо ја прати уште летото, кога беше подготвен да плати 14 милиони евра, но тоа не ги задоволи „црвените“ кои бараа три милиони повеќе. Алонсо на почетокот на сезоната не беше стандарден, што се поврзуваше со шпекулациите за ангажирање на Герет Бери од Астон Вила. Сепак, Алонсо пак се врати во првиот состав, а неодамна го продолжи договорот до 2012 година. |