Камион прегази жена кај Штип
ШТИП - На магистралниот пат Радовиш - Велес, во близина на клучката кај штипската приградска населба Три Чешми, завчеравечер се случи тешка сообраќајна несреќа во која е прегазена жена, чиј идентитет се' уште не е утврден.
Според портпаролката на СВР Штип, Снежана Санева, жената била удрена од тешко товарно возило со српски регистарски таблички. „Поради сериозноста на повредите, жената е пренесена во Клиничкиот центар во Скопје. Земени се крв, урина и отпечатоци од нејзините прсти, со цел да и' се утврди идентитетот“, вели Санева. Екипи на СВР Штип направија увид на местото на несреќата, а ќе биде извршен и технички преглед на товарното возило со кое управувал 33-годишен возач од Нови Сад. (МИА) |