Грабежот во Прокредит банка пред Апелација
Судски совет на Апелациониот суд во Скопје вчера одржа Јавна седница за случајот со Прокредит банка, кој по жалба сега е во повисокиот суд. На одлуката што ја донесе скопска „единица“ на 11 февруари оваа година, жалби вложија не само обвинетите и нивните бранители, туку и Јавното обвинителство, кое е на мислење дека изречените пресуди не ја отсликуваат реалната состојба со случувањето во Прокредит банка, која беше ограбена на 10 април 2009 година.
И додека Јавното обвинителство остана на своите ставови, одбраната повторно се повика на дека некои од вербалните и материјални докази, како и на алибито на кои цело време додека траеше судењето на групата обвинети се повикуваше Косовецот Флорим Малоку.
Според обвинението, критичниот ден во 9,30 часот поголема група маскирани со фантомки на главите и со панцири на градите, на кои биле видливи полициски ознаки, од Експозитурата ограбија околу 50.000 евра. Разбојниците пред банката дошле со две возила. Во возилото „алфа ромео“ биле првообвинетиот Флорим Малоку и Авдиљ Тахири, а во возилото „голф 3“ Идриз Рустеми и Бислим Тахири.
За првообвинетиот Малоку судот изрече единствена казна затвор во траење од осум години, а на идентични затворски казни беа осудени и недостапните Авдиљ Тахири и Идриз Рустеми, додека Бислим Тахири, кој се товареше за помагање, беше осуден на затворска казна во траење од пет години. Судскиот совет на скопскиот Кривичен суд за првите тројца наведени за сторено разбојништво им изрече затворски казна од по шест години, а за тешки дела против општата сигурност по три години затвор, односно единствени казни во траење од по осум години затвор. (Љ.С.) |