Над 20 тони хероин минуваат низ балканската рута
Околу 20 до 25 тони хероин годишно минуваат низ балканската рута, во чие средиште се наоѓа и Македонија и завршуваат на нивната крајна дестинација во земјите од Западна Европа. Најголем дел од хероинот, кој минува низ балканската рута, потекнува од Авганистан, а годишниот обрт од авганистанскиот хероин е околу 55 милијарди долари.
За да се задоволат потребите на европскиот пазар за 87 тони хероин, околу 140 тони дрога мора да бидат испорачани од Авганистан. Повеќето од хероинот завршува кај консументите на четири држави – Велика Британија, Италија, Франција и Германија. Ова се дел од податоците што ги содржи најновиот извештај на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ), кој беше објавен во Њујорк.
Според извештајот, балканската и северните рути се главни патишта по кои хероинот од Авганистан завршува на огромните пазари во Руската Федерација, но и во Западна Европа. Хероинот од Македонија преминува во Албанија за натамошно префрлање во Италија и оттаму во Швајцарија. Пократката рута на дрогата води од Грција преку морски пат до Италија, додека подолгиот пат е преку Македонија, Србија, БиХ, Хрватска и Словенија кон север.
Според извештајот, 140 илјади лица се жртви на трговија со луѓе во Европа, кои им носат приход од 3 милијарди американски долари за нивните експлоататори.
Канцеларијата на ОН за дрога и криминал алармира дека организираниот криминал станува масовна појава, а заедничкиот одговор на оваа појава го загрозува мирот и во одредени случаи развојот и суверенитетот на државите. (Х.Р.) |