Авионите за гаснење пожар на готовс

Со три модерни авиони за гаснење пожари и 30 возила државата подготвена за пеколното лето
Горан Адамовски
Трите нови авиони за гаснење пожар набавени од Шпанија веќе од идната недела ќе бидат целосно употребливи и ќе чекаат на готовс. Македонските пилоти ја минаа обуката во Шпанија и по неделната финална глазура на Охридското Езеро, ќе бидат подготвени за евентуална акција. Освен авионите, државава се поднови со 25 модерни противпожарни возила за гаснење шумски и градски пожари, а деновиве се комплетираше и најновата набавка од пет ултрамодерни возила од Белград, кои располагаат со т.н. КАС-систем, мешавина од вода и пена. Надлежните се уверени дека Македонија годинава ќе знае како да се справи со пожарите што секое лето пустошат низ земјава.
„Не' очекува жешко лето и, за жал, опасноста од пожари е голема. Сепак, ние сме подготвени навремено и соодветно да се справиме со нив“, вели Шабан Салиу, првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување.
Најкомплицирана беше набавката на трите нови авиони за гаснење пожар од типот „АТ-802“. По проблемите со плаќањето, авионите вредни 8,2 милиона евра, кои се произведуваат во САД, а преку шпанската „Ер трактор“ се дистрибуираат во Европа, долетаа во земјава. Имајќи предвид дека станува збор за едни од најсовремените летала, во цената беше вклучена и обука во Шпанија на седуммина македонски пилоти.
„Обуката ја завршија успешно и сега им преостануваат уште неколку проби по Охридското Езеро“, објаснува Салиу.
Леталата се опремени со два интегрални резервоара со вкупен ка��ацитет од 961 литар, а резервоарот за вода има капацитет од 3.104 литри.
„Овие авиони може непречено да полетуваат и да слетуваат на мориња, езера, вештачки акумулации, а потребни се само 10 секунди за полнење на резервоарот со вода“, се дел од особините на овие летала.
Пред околу еден месец, со 25 нови противпожарни возила се подновија 19 oпштини во земјава. Новите возила од фирмата „Даф“ ја чинеа Владата околу четири милиони евра. Петнаесет возила се специјализирани за гаснење на градски пожари, а десет за шумски.
„Со децении државата немаше набавено противпожарно возило и тоа силно се одразуваше во случаите на поголеми катастрофи. Токму затоа, пред две години оценивме дека е добро да се набави поголема количина на вакви возила“, изјави тогаш премиерот Никола Груевски.
Уште пет ��озила набавени во Белград што чинат околу 800.000 евра ја комплетираат опремата со која ќе се справуваме со огнените стихии.
Поради високите температури, надлежните апелираат до граѓаните внимателно да се однесуваат при минувањето низ шумите, каде што постои ризик и можност за појава на пожари.
„Внимателно однесување при фрлање догорчиња од цигари и при палење скари, земјоделците треба да внимаваат при жетвата, особено на исправноста на нивната механизација за да не дојде до испуштање нафта“, се дел од практичните совети во пресрет на пеколното лето. |